ЗАКОНСКОТО РЕГУЛИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ
➢ Актуелно (21.10.2019)
👁 Прочитано: 2875




ЗАКОНСКОТО РЕГУЛИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИКликни за повеќе

Групацијата за пазарите во рамки на Стопанската комора на Македонија алармира дека има уште многу малку време до примена на Закон за трговија на зелените пазари. Имено, на 31 декември 2019 година истекува времената мерка за одложена примена на Законот за трговија на зелените пазари, која беше донесена во февруари годинава. Со одложувањето на примената требаше да се овозможи преоден рок во кој ќе се усогласат одредени различни ставови по членови од Законот.

-Во меѓувреме, во отсуство на дијалог со надлежните институции, не се усогласени ставовите во однос на спорните членови од Законот, ниту се исполнети обврските кои произлегуваат од него во делот на носење на подзаконските акти и дефинирање на функционалноста на коморскиот систем. Сето ова укажува на неподготвеност за примена на Законот за трговија на зелените пазари  со почеток од наредната година, во својата првична верзија како што и беше донесен, - посочи Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Групацијата на пазари во рамки на Здружението на комуналните дејности при Комората, во текот на годината одржа неколку последователни состаноци околу градењето став на Групацијата по Законот за трговија на зелените пазари кој е со одложена примена до 01.01.2020 година. При тоа, на прес-конференцијата беше посочено дека согласно примената на актуелната законска регулатива за функционирање на зелените пазари, членките на Групацијата констатираат дека: трговијата на зелените пазари е веќе регулирана со 11 законски решенија (трговијата на зелените пазари е регулирана со: Законот за трговија на зелените пазари, кој е во фаза на одложена примена, Законот за комуналните дејности, Законот за трговија, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Законот за данокот на  личен доход, Законот за данокот на додадена вредност и други, како и со повеќе подзаконски акти меѓи кои Правилникот за минимално технички услови за деловните простори и простории во кои се врши трговија и Одлуката за определување на стоките кои можат да се продаваат на посебно организирани делови на зелените пазари.

Имајќи го предвид претходното, врз основа на посочената регулатива и досега врз работата на зелените пазари се спроведува надзор од страна на Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи (Сектор за јавен ред и мир).

Оттаму, членките на Групацијата констатираат дека се доведува под знак прашање потребата од функционирање на посебен Закон за трговија на зелените пазари.

Дополнително, Михајловска Василевска на прес-конференцијата посочи дека  постои простор за подобрување на одредени сегменти во делот на обезбедување  легитимации за трговците на зелените пазари, како и во делот на придонесите од задолжително и социјално осигурување кои истите би ги плаќале, но не смее да е на штета и да предизвика дополнителни оптоварување на закупците на тезги на зелените пазари.
 
Во врска со претходните укажувања, Стопанската комора на Македонија најави интензивни средби по кои ќе се понудат конкретни решенија, со цел надминување на посочениот проблем.

Даниела Михајловска Василевска