ВО КИЧЕВО ПРЕЗЕНТИРАНИ МЕРКИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ
➢ Актуелно (05.09.2019)
👁 Прочитано: 1612




ВО КИЧЕВО ПРЕЗЕНТИРАНИ МЕРКИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ

Деловните субјекти  од  Југозападниот и Полошкиот регион во Кичево учествуваа на презентацијата на мерките за поттикнување на инвестициите, технолошкиот развој и зголемување на конкурентноста на македонските компании уредени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, организирана од страна на Регионалната комора со седиште во Кичево при Стопанската комора на Македонија.

Целта е компаниите да се информираат за можностите за користење средства за финансирање на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија согласно мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување финансиска поддршка.

Потпретседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Алија Зулбеароски, посочи дека компаниите од регионот имаат потреба од поддршка вклучително и можностите кои ги нуди овој Закон. Претставникот на Општина Кичево, Дарко Белевски, ги потенцираше алатките и мерките што локалната самоуправа ги презема за поддршка на економскиот раст и развој.

Министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, ги повика компаниите кои имаат реализирано инвестиции во текот на 2018 година да аплицираат за поврат на средства, согласно условите и критериумите предвидени во овој закон, претставувајќи ги измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите пред компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија.

-Со измените на Законот го унапредуваме системот за поддршка на стопанството преку зголемување на опфатот на компаниите кои може да аплицираат за финансиска поддршка на инвестиции и преку поедноставување на административните процедури и критериуми за аплицирање за овие мерки.  Дополнителна мотивација кај компаниите правиме и со олабавувањето на условите за аплицирање, - истакна министерката Апостолска.

Со мерките предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестиции („Службен весник на РМ“, бр. 83/18 и „Службен весник на РСМ“, бр.,98/19 и 124/19), компаниите кои имаат план за инвестирање во нов бизнис или план за проширување на постојниот (креирање нови работни места, вложување во технолошкиот развој и зголемување на профитот на компанијата, откуп на материјални средства, освојување нови пазари), можат да добијат финансиска поддршка за реализација на нивните планови, односно значајно во измените на Законот е што сега можат да аплицираат и фирми кои не се од производна дејност, како трговија и информатичка технологија и други.

Беше истакнато дека компаниите кои имаат реализирано инвестиции во 2018 година, а со оглед дека законските рокови за склучување договори се до 15 ноември 2019 година, се препорачува барањата за финансиска поддршка со потребната документација да ја достават најдоцна до 15 септември 2019 година до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, за инвестициски проекти надвор од технолошко-индустриските развојни зони, односно до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за инвестициски проекти во овие зони.

Согласно Законот, државата има обврска одобрената финансиска поддршка да ја исплати најдоцна до 25 декември во тековната година.

Пред претставници од компании од повеќе градови - Кичево, Охрид, Струга и Гостивар, од Кабинетот на министерката Зорица Апостолска детално беа презентирани видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување  финансиска поддршка на инвестиции на деловните субјекти согласно овој Закон.

Дијана Лазороска Јованоска