ПРЕЗЕНТИРАНИ МЕРКИТЕ ПРЕДВИДЕНИ СО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД СТРУМИЦА И ШТИП
➢ Актуелно (30.08.2019)
👁 Прочитано: 1984




ПРЕЗЕНТИРАНИ  МЕРКИТЕ ПРЕДВИДЕНИ  СО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД СТРУМИЦА И ШТИП

Со цел користење на средствата за финансирање на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија согласно мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување финансиска поддршка на деловните субјекти, на 30.8.2019 година, во Регионалната комора со седиште во Струмица, Стопанската комора на Македонија организираше презентација на мерките за поттикнување на инвестициите, технолошкиот развој и зголемување на конкурентноста на македонските компании уредени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Струмица,  Миле Цеков, истакна дека овој настан е организиран со цел компаниите подетално  да се запознаат со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои  се зголемува опфатот на бројот на сектори, се поедноставуваат критериумите  и се поедноставува постапката за аплицирање. 

Претставувајќи ги измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите пред компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, ги повика компаниите кои имаат реализирано инвестиции во текот на 2018 година да аплицираат за поврат на средства, согласно условите и критериумите предвидени во овој закон.

„Со измените на Законот го унапредуваме системот за поддршка на стопанството преку зголемување на опфатот на компаниите кои може да аплицираат за финансиска поддршка на инвестиции и преку поедноставување на административните процедури за аплицирање за овие мерки.  Дополнителна мотивација кај компаниите правиме и со олабавувањето на условите за аплицирање“, - истакна министерката Апостолска. 

ПРЕЗЕНТИРАНИ  МЕРКИТЕ ПРЕДВИДЕНИ  СО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД СТРУМИЦА И ШТИП

Иван Андревски, од Кабинетот на министерката Зорица Апостолска, детално ги презентираше видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување  финансиска поддршка на инвестиции на деловните субјекти согласно овој Закон, и тоа за следните мерки: 

- финансиска поддршка за нови вработувања;
- финансиска поддршка за инвестирање во технолошки развој;
- финансиска поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи;
- финансиска поддршка за проекти од значаен економски интерес;
- финансиска поддршка за откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии;
- финансиска поддршка за зголемување на конкурентноста на пазарот, како и
- финансиска поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажбата.

Притоа, беше истакнато дека компаниите кои имаат реализирано инвестиции во 2018 година, а со оглед дека законските рокови за склучување договори се до 15 ноември 2019 година, се препорачува барањата за финансиска поддршка со потребната документација да ја достават најдоцна до 15 септември 2019 година до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, за инвестициски проекти надвор од технолошко-индустриските развојни зони, односно до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за инвестициски проекти во овие зони. 

Согласно Законот, државата има обврска одобрената финансиска поддршка да ја исплати најдоцна до 25 декември во тековната година.

Присутните на настанот активно се вклучија во дискусијата околу деталите за начинот и постапката за добивање финансиска поддршка за инвестициите.

Моника Стоичева
Ирина Георгиева