ДЕНОВИ НА МЛЕКОТО ВО БИТОЛА
➢ Актуелно (08.07.2019)
👁 Прочитано: 2358




ДЕНОВИ НА МЛЕКОТО ВО БИТОЛА

Со наслов: „Одбележување на денови на млекото и кооперативното здружување“, во Битола, во комплексот „Ангромаркет“, се одржа манифестација во рамки на која млекопреработувачите кои работат во регионот на Битола ги промовираа своите производи.

Млекопроизводството како еден од поважните сегменти во агроиндустријата зазема и важно место во креирањето на политиките за развој на земјоделството, а во оваа гранка здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е од големо значење за да се постигне одржливост на млекопроизводството и подобрување на рентабилноста на сточарството. 

ДЕНОВИ НА МЛЕКОТО ВО БИТОЛА

Основна цел на ваквите манифестации е да се поттикне и поддржи здружувањето и заедништвото. Пред присутните фармери и учесници се обрати и директорот на битолската млекарница Ѓорѓи Петрушев, кој посочи дека приоритет за сите учесници во оваа дејност е подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија.

На Саемот свои штандови на кои ги презентираа своите производи имаа битолските млекарници, „БиМилк“, „Здравје Радово“ и „Ве Милк“.

ДЕНОВИ НА МЛЕКОТО ВО БИТОЛА

Директорот на Платежната агенција, Никола Бабовски, во обраќањето до присутните рече дека две мерки значително ќе придонесат во создавањето на едно одржливо и конкурентно млекопроизводство, а тоа се инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Тие овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети, како што е изградба на млекарници.

ДЕНОВИ НА МЛЕКОТО ВО БИТОЛА

На манифестацијата присуствуваа и раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Методија Илиевски, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанската комора на Македонија, Мирко Велковски, директорот на „БиМилк“, Ѓорѓи Петрушев, претставници од млечната индустрија кои ги промовираа своите производи, фармерите и градоначалниците на Битола, Могила и Новaци.

м-р Никола Димковски