Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија пред членките на Здружението од дејноста отпад и пред претставници на локалната самоуправа, градоначаланици, одделенија за комунален отпад и инфраструктура го претстави проектот „Паметни градови – технологија за комуналните претпријатија во интерес на граѓаните“. Презентацијата беше реализирана од страна на Милан Змеко и Лудовит Кудела, од компанијата „ОМС“ од Р. Словачка.
Програмата на паметни градови нуди инфраструктура која е отворена за сегашните и идните потреби на градовите. Концептот комбинира повеќе компоненти:
- осветлување - економично, константно, одржливо;
- контролен систем - можност за следење на сообраќајот, регулирање за светлосна сигнализација, улични камери, метео станици, паркиралишта;
- можност за надградба на софтверска мрежа (на пример, за контрола на комунален отпад по локации, канти и контејнери);
- поврзаност со wi-fi мрежа.
Со концептот на паметни градови, како што презентираа претставниците на компанијата „ОМС“, може да се надгради инфраструктурата на локално ниво без дополнителни трошоци, според потребите и во интерес на граѓаните и на локалната самоуправа за обезбедување подобри услови за функционирање на општините и пониски трошоци за комунални услуги за жителите на секоја поединечна општина.
Компанијата „ОМС“ е една од водечките компании за осветлување во Европа. Основана е во 1995 година. Има над 600 вработени, а 98% од своето производство го пласира во повеќе од 120 земји ширум светот.
Презентацијата на Проектот беше реализирана во соработка и со компанијата „Еко клуб“ - членка на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија и активен субјект во комуналните инфраструктурни активности.
На презентацијата присуствуваше и Владе Стојановски, почесен конзул на Република Словачка во нашата земја, кој ги поздрави присутните и изрази задоволство од можноста за продлабочување на соработката меѓу комании од двете земји, во насока на имплементирање на софистицирана опрема која има повеќекратно значење и влијание.
Даниела Михајловска Василевска