ХОТЕЛ „МОЛИКА“ - БИТОЛА ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ
➢ Актуелно (25.04.2019)
👁 Прочитано: 24120




ХОТЕЛ „МОЛИКА“ - БИТОЛА ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ

Лоциран на планината Баба во Националниот парк Пелистер над Битола, хотелот „Молика“ е најрепрезентативниот хотелско-угостителски објект со кој располага Друштвото за угостителство, рекреација и спорт „ЕЛЕМ ТУРС“  ДООЕЛ  - Скопје. 

Со повеќе манифестации хотелот „Молика“ го одбележа јубилејот 25 години од постоењето на Пелистер, од каде има поглед на градот Битола и околината. Во присуство на гости, деловни партнери, претставници на локалната самоуправа и на Владата, во хотелот се одржаа панел-дискусии на тема: „Современите видови во туризмот и примената на новите технологии во валоризацијата на Преспанско-пелагонискиот регион и Национален парк Пелистер како туристичка дестинација“, предводена од проф. д-р Науме Мариноски, од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како и панел-дискусија за „Преспанско-пелагонискиот регион како туристичка дестинација за четири сезони и нејзина промоција на соодветен начин“, чиј презентер беше директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, м-р Љупчо Јаневски.

По повод 25 години постоење, извршниот директор на „ЕЛЕМ ТУРС“, Никола Каровски, додели благодарници и признанија на деловни соработници, организации и вработени во хотелот кои имаат значаен придонес во поддршката и афирмацијата на хотелско-угостителскиот комплекс. 

Посебна благодарница за искажаната поддршка и личниот придонес во опстојувањето и работата на хотелот „Молика“ беше доделена на Стопанската комора на Македонија - Здружение на угостителството и туризмот. Во име на Комората признанието го прими претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски.

Благодарници за соработката беа доделени и на Општина Битола, РЕК -  Битола и повеќе претпријатија во градот.

ХОТЕЛ „МОЛИКА“ - БИТОЛА ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ

Хотелот „Молика“ претставува едно од ретките места каде може да се почувствува недопрената природа, да се одмори од секојдневието. Во склоп на хотелот „Молика“ функционира и Скијачкиот центар „Копанки“ кој располага со една двоседа жичарница – Бегова чешма и еден ски лифт - Копанки. Хотелот на Пелистер е капацитет со три ѕвезди и прв пат почна со работа на 24 април 1994 година. За четврт век постоење го посетиле околу еден милион туристи.

м-р Никола Димковски