РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ-ТАРИФНИКОТ ЗА НАДОМЕСТОЦИТЕ ЗА ДОЗВОЛИ, КОНЦЕСИИ ЗА ДЕТАЛНИ ГЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА И ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ
➢ Актуелно (23.04.2019)
👁 Прочитано: 5000



РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ-ТАРИФНИКОТ ЗА НАДОМЕСТОЦИТЕ ЗА ДОЗВОЛИ, КОНЦЕСИИ ЗА ДЕТАЛНИ ГЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА И ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

Во Стопанската комора на Македонија на 23.4.2019 година се одржа работна средба на компаниите - членки на Комората кои вршат дејности од областа на геолошките истражувања и експлоатацијата на минерални суровини со претставници на Секторот за минерални суровини при Министерството за економија, на која се разгледуваше Предлог-тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи, концесии за детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини.

Претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР), Николајчо Николов, кој ја водеше работната средба, истакна дека на средбата се присутни компании - членки на Комората од повеќе сектори, меѓутоа измените предвидени со Предлог-тарифникот се од заеднички интерес и го засегаат работењето на сите присутни компании. -Целта на средбата е тие да ги презентираат своите забелешки и коментари по текстот на Предлог-тарифникот пред претставниците на Министерството за економија и да се отвори дискусија за предложените решенија во врска со концесиските надоместоци, - посочи Николов.

Претставниците на Министерството за економија информираа дека Тарифникот подолг период нема претрпено измени во однос на надоместоците за издавање  дозволи за концесии за детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, како и дека предложените надоместоци се дадени по претходно спроведена компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини во земјите од регионот и Европа. Во таа насока, со Предлог-тарифникот се предлага зголемување за сите видови надоместоци во висина од 50% од стариот износ, освен за металичните минерални суровини каде зголемувањето изнесува 75%.

Во рамки на заклучоците од средбата, беше истакнато дека при измената на Тарифникот и зголемување на концесиските надоместоци, потребно е Министерството да ги земе предвид целокупните услови за стопанисување во земјата, импликациите на предложените решенија врз работењето на деловните субјекти, како и врз привлекувањето на потенцијалните инвеститори од наведените дејности. Во таа насока компаниите посочија дека е потребно пред изменување на Тарифникот, Министерството уште еднаш да ги разгледа наведените прашања и да ги преиспита предложените износи на надоместоците, а коментарите и забелешките на компаниите разгледани на денешната средба ќе бидат сумирани и доставени до Министерството.

м-р Нена Николовска