Пред присутните претставници на компании од вардарскиот регион од металната, текстилната индустрија, производството на вино и винова лоза, трговијата, производството на вода, градежништвото и прехранбената индустрија, во организација на Регионалната комора со седиште во Кавадарци, беше презентиран Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, информираше дека со ваквата форма на комуникација целта е да се приближат можностите за финансирање до домашните компании. Големиот интерес досега за програмите говори за потребите за свежи средства во економијата, но и за довербата што фирмите ја имаат кон процедурите што ги развива Фондот. Директорот Деспотовски посочи дека очекува успешен повик и голем број квалитетни инвестициски планови.
Целта на инструментот за комерцијализација на иновации е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и приватниот сектор со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.
Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) се` до преткомерцијална (претпазарна) фаза.
Јавниот повик, како што информираше директорот на Фондот, Јован Деспотовски, се однесува на кофинансирање на предлог-проекти до максимален износ на финансиска поддршка од страна на Фондот до 325.000 евра и зависно од големината на правниот субјект ќе се поддржи 60%, односно 70% од проектот.
Пред присутните компании беа презентирани и успешно имплементирани проекти кои добиле средства од претходниот повик. Во таа насока, „Хемија комерц“ како компанија која веќе аплицирала на првиот повик и е во фаза на имплементација на проект од Фондот за иновации со претставниците на бизнис секторот го сподели своето искуство од фазата на аплицирање.
-Искуството кое компаниите ќе го стекнат во подготовка на апликациите треба да им помогне на компаниите да стекнат искуство за аплицирање на поголеми фондови кои ќе им бидат на располагање на компаниите од страна на Европската комисија во периодот на преговори што следи, - истакна Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија.
Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, информираше дека на располагање на компаниите им се консултанти кои можат да им помогнат во подготовка на проектните документи, паралелно со поддршката која можат да ја добијат и во Стопанската комора на Македонија.
Тања Мицева