ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ШТИП
➢ Актуелно (22.04.2019)
👁 Прочитано: 12739




ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ШТИП

Во соработка со Регионалната комора со седиште во Штип при Стопанската комора на Македонија и Центарот за развој на Источниот плански регион, Фондот за иновации и технолошки развој го презентираше инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации пред компаниите -  членки на Комората.

Потпретседателката на Регионалната комора со седиште во Штип, Весна Ангеличкова, констатираше дека ваквата форма на соработка со Фондот е во насока на поддршка на компаниите за иновативни решенија и технолошки развој за што претставниците од заинтересираните компании присутни на презентацијата  беа информирани за условите за аплицирање, како и за можностите за поголема соработка помеѓу бизнисот и високообразовните и научноистражувачките установи и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Тања Илијевска, претставник од Фондот за иновации, информираше дека овој инструмент е наменет за микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друг деловен субјект.

Бранислав Марковски од секторот за мониторинг во Фондот истакна дека преку јавниот повик ќе се поддржат проекти до 325.000 евра. Зависно од големината на правното лице апликант максималниот износ на процентот на кофинансирање од страна на Фондот е 70% за микро и мали правни лица  и 60% за компании со средна големина.

Вкупниот буџет за овој повик е пет милиони евра. Времетраењето на проектот може да биде до 24 месеци, а аплицирањето трае заклучно со 15.5.2019 година.

Моника Стоичева