ИНОВАТИВНИТЕ ГРАНТОВИ ПРЕТСТАВЕНИ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ВО КИЧЕВО
➢ Актуелно (19.04.2019)
👁 Прочитано: 3193




ИНОВАТИВНИТЕ ГРАНТОВИ ПРЕТСТАВЕНИ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ВО КИЧЕВО

Регионалната комора со седиште во Кичево во рамките на Стопанската комора на Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организираше презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Присутните претставници од компании кои припаѓаат на: ИТ-индустријата, металната индустрија, градежништвото, трговијата, се информираа за можностите за финансирање преку повикот во рамките на Проектот што го спроведува ФИТР. Бизнис интересот беше во делот на можностите за поддршка на истражување и развој, тестирање, заштита на интелектуална сопственост, дизајн, развој на пилот-линии, активности поврзани со обезбедување квалитет и активности за маркетинг и продажба кои се насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот.

Претставникот на Фондот Искра Лазарова, во своето обраќање информираше дека Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е наменет за микро, мали и средни претпријатија од сите сектори, како и приватни здравствени установи кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие, установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност или ПЗУ.

Пред бизнисмените од Кичево беа претставени условите за аплицирање. Максималниот износ на финансиска поддршка преку Фондот може да изнесува до 325.000,00 евра, односно 70% за микро и мали компании и 60% за средни компании. Останатиот процент од вкупниот буџет на проектот треба да бидат обезбедени од страна на апликантот.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески, истакна дека може да се очекува ваквиот тип на државна поддршка може да поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, меѓусебната соработка на компаниите и соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научноистражувачките установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 24 месеци, а рокот за аплицирање на јавниот повик трае до 15.5.2019 година.

Дијана Лазороска Јованоска