ГРАНТОВИТЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕТСТАВЕНИ ВО БИТОЛА
➢ Актуелно (17.04.2019)
👁 Прочитано: 5317




ГРАНТОВИТЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕТСТАВЕНИ ВО БИТОЛА

Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанската комора на Македонија, Фондацијата за развој на претприемништво, регионална и прекугранична соработка - Регионален центар за поддршка на претпријатија - Битола во просториите на Општина Битола одржа презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Пред големиот број присутни стопанственици и истражувачи од научната сфера од Пелагонискиот и Југозападниот регион, беше посочено дека активностите коишто може да бидат финансирани во рамките на Проектот се однесуваат на активности за истражување и развој, тестирање, заштита на интелектуална сопственост, дизајн, развој на пилот-линии, активности поврзани со обезбедување квалитет и активности за маркетинг и продажба кои се насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот.

Јавниот повик, како што информираше директорот на Фондот, Јован Деспотовски, се однесува на кофинансирање на предлог-проекти до максимален износ на финансиска поддршка од страна на Фондот до 325.000,00 (тристотини дваесет и пет илјади) евра, при што зависно од големината на правното лице - апликант максималниот износ на процентот на кофинансирање од страна на Фондот е 70% за микро и мали претпријатија и 60% за компании со средна големина. 

При оцената на предлог-проектот се користи табела за оцена на предлог-проектите која содржи одредени критериуми како: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание. Оценувањето се врши во две фази: претселекција и селекција.
 
Краен рок за поднесување на апликациите е 15.5.2019 година, а времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 24 месеци.

м-р Никола Димковски