ОДРЖАНА ЕДИНАЕСЕТТАТА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП - ОБЈАВЕН ПРВ ПОВИК ЗА АПЛИКАЦИИ ЗА ФОНДОТ НА МОЖНОСТИ 2019
➢ Актуелно (27.03.2019)
👁 Прочитано: 3950




ОДРЖАНА ЕДИНАЕСЕТТАТА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП - ОБЈАВЕН ПРВ ПОВИК ЗА АПЛИКАЦИИ ЗА ФОНДОТ НА МОЖНОСТИ 2019

На 27.3.2019 година во Штип беше одржана 11. седница на Регионалната комора со седиште во Штип. На истата, покрај компаниите-членки, присуствуваа и д-р Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и м-р Борис Тримчев, претставник на Проектот „Образование за вработување во Македонија“. Седницата ја водеше Наум Барзов, претседател на Регионалната комора со седиште во Штип.

Пред присутните компании-членки свое поздравно обраќање имаше д-р Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој го презентираше планот на активности на Стопанската комора на Македонија преку кој треба да се идентификуваат развојните потенцијали и можности за извозна диверзификација, да се дијагностицира и да се изработи план за подобрување на извозната конкурентност на селектирани компании и да се промовираат пред извозните компании предлог-политики за нивна системска поддршка. Професор Лазаров направи и споредба со потенцијалот и капацитетот на македонската економија со економијата на Словенија како земја со слична големина и капацитет. При тоа, беше посочено дека со добри системски политики, економијата на Словенија има до 5 пати подобри економски перформанси од нашата економија.

Тој истакна дека преку Клубот на извозници што функционира во состав на Стопанската комора на Македонија во следниот период ќе бидат преземени чекори да се направи анализа на изворите на растот на македонската економија, анализа на индустриските и извозните перформанси на земјата согласно кои ќе бидат дефинирани и следните активности за извозна диверзификација. Со компаниите-членки на Регионалната комора со седиште во Штип беше разговарано и за начините и можностите за системска поддршка на домашните компании за саемското претставување во светот. За таа цел, беше договорено клучните извозни сектори (прехранбениот, електро и металниот сектор, текстилот) во следниот период да дефинираат по неколку саеми кои сметаат дека се од големо значење за поттикнување на извозната активност и да се бара поддршка за настап на македонските компании на светски влијателните саемски манифестации. 

Во продолжение на седницата, пред присутните компании м-р Борис Тримчев го презентираше Проектот „Образование за вработување во Македонија“. Стопанската комора на Македонија, заедно со партнерите во Проектот „Образование за вработување во Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, работи на компонента посветена на стручното образование во насока на подобрување на квалитетот и соработката помеѓу стручните училишта и компаниите. Во рамките на овој проект, отворен е Првиот повик за апликации за Фондот на можности 2019. Целта на Фондот на можности е да ги поддржи понудувачите на обуки во насока на обезбедување на пазарно ориентирани и одржливи понуди, кои водат кон задолжително вработување на учесниците во обуката (најдоцна 3 месеци по завршување на обуката).

Опфатени сектори: (1) Угостителство; (2) Здравствена и социјална грижа; (3) Лични услуги;  (4) Земјоделие; (5) Прехранбена технологија; (6) Машинство; (7) ИТ-сектор.

Квалификувани апликанти на Фондот на можности:
а) приватни тренинг провајдери кои нудат обуки во областа на неформалното образование;
б) средни стручни училишта кои нудат услуги во дел на неформално образование;
в) граѓански организации кои нудат услуги во дел на неформално образование;
г) работодавачи коишто вршат обуки во сопствените простории.

Посебни услови: приватните провајдери, средните стручни училишта и граѓанските организации можат да аплицираат за Фондот на можности во соработка со еден или повеќе работодавачи кои писмено гарантираат дека ќе вработат најмалку 35% од учесниците, во рок од 3 месеци по одржувањето на  обуката. Работодавачи кои вршат обуки во сопствените простории треба писмено да гарантираат дека ќе вработат 50% од учесниците, во рок од 3 месеци по завршувањето на обуката.

Краен рок за поднесување апликации е 30 март 2019 година.

Во понатамошната дискусија се вклучија и стопанствениците кои и овој пат го искажаа својот најголем проблем, односно недостатокот на работна сила и истакнаа дека очекуваат овој проект да вроди со позитивни резултати.

Моника Стоичева