Одржана првата седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево за 2019 година - УЧЕСТВО И НА БИЗНИС СЕКТОРОТ
➢ Актуелно (26.03.2019)
👁 Прочитано: 3269




Одржана првата седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево за 2019 година -  УЧЕСТВО И НА БИЗНИС СЕКТОРОТ

На 25.3.2019 година во Општина Кичево се одржа Првата седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево, во кој членуваат номинирани претставници од Општина Кичево, Регионалната комора со седиште во Кичево при Стопанската комора на Македонија, Агенцијата за вработување од Кичево, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и од синдикатите КСС, ССМ и БКМ.

На седницата беа избрани нов претседател и заменик-претседател, при што за претседател беше избран Арбен Ристеми, претставник од Општина Кичево, а за негов заменик Снежана Миноска од ОРМ. На седницата беа верифицирани и нови членови.

Арбен Ристеми, од негово лично име се заблагодари за изборот и рече дека максимално ќе се трудат да ги извршуваат своите активности, транспарентно ќе работат и ќе дадат максимален придонес за подобар економско социјален дијалог во Општина Кичево.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески, како член во Советот, го поздрави новоизбраниот претседател на ЛЕСС и оцени дека Советот е значаен фактор за развој на бизнисот и се надева дека ќе произлезат конкретни мерки со кои ќе се подобрат условите и инвестициската клима во регионот.

Пред присутните се презентираше и дискутираше и за новиот Проект „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што го финансира Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот во петнаесет општини. Целта на Проектот е да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Проектот ќе го поддржи учеството на институциите за социјален дијалог во креирањето политики на национално и на локално ниво и ќе ја поттикне практиката на редовни консултации преку националните и локалните економско-социјални совети, истакна Дејан Илиоски, секретар на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево.

Советот има задача да ги следи состојбите, да разгледува прашања, да зазема став, покренува иницијативи и препораки, како и да предлага решенија, кои се однесуваат на подобрувањето на економско-социјалната положба на работниците и работодавачите во општината и да дава свои мислења и предлози за креирање на локалната економска политика. ЛЕСС своите мислења, препораки, заклучоци и предлози треба да ги доставува до Советот на Општина Кичево и до други релевантни институции. Со работата на овој Совет, сите институции ќе имаат посветен партнер за засегнатите прашања за одржлив економски развој, заштита и унапредување на работничките права, како и создавање подобра локална економска клима за унапредување на бизнисите.

Дијана Лазороска Јованоска