МОЖНОСТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРВОЛИГАШКИОТ СПОРТ ВО ОПШТИНА ПРИЛЕП

   

АКТУЕЛНО / 22.03.2019
👁 Прочитано: 3553


МОЖНОСТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРВОЛИГАШКИОТ СПОРТ ВО ОПШТИНА ПРИЛЕП

На работната средба на стопанствениците од Општина Прилеп, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, д-р Илија Јованоски, беа разгледани разни можности за развој и понатамошно финансирање на спортот во градот, при што  посебен акцент беше даден на прволигашките клубови (21.3.2019 година).

Средбата ја отвори претседателката на Стопанската комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска, која ги предочи проблемите со кои се соочуваат во овој момент локалната самоуправа и одреден број компании кои моментално го носат најголемиот товар во однос на финансирањето на клубовите.

Градоначалникот во своето обраќање истакна дека локалната самоуправа финансира онолку колку што се можностите, а притоа нагласи дека значителни финансиски средства се издвоени од буџетот на Општината и за реконструкција на градскиот стадион.

Во понатамошниот тек на состанокот беа презентирани поволностите што ги дава законот преку соодветни даночни ослободувања за сите правни субјекти кои финансиски би ги поддржале спортските клубови, со цел за поголемо учество на компаниите во поддршка на спортот, а со самото тоа и порамномерно распределување на финансискиот товар. Исто така се истакна дека во оваа област во тек е изготвување на нов закон кој ќе ја третира оваа проблематика.

Горан Попоски