ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА АГРЕГАТИ, БЕТОНИ И АСФАЛТИ ОСТВАРИ РАБОТНА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРОТ НА ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА
➢ Актуелно (13.03.2019)
👁 Прочитано: 1521



ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА АГРЕГАТИ, БЕТОНИ И АСФАЛТИ ОСТВАРИ РАБОТНА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРОТ НА ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

Согласно заклучоците од работната средба на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти во рамките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија со Јавното претпријатие за државни патишта, одржана на 20.02.2019 година, претседателот на Групацијата, Никола Крајчевски, реализираше средба со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и со директорот на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, Џеват Кицара, на која присуствуваа и претставници на Стручната служба на Комората.

На средбата се дискутираше за потребата од преземање конкретни активности во врска со процесот за донесување на техничките услови, со посебен осврт на техничките услови за битуменски мешавини, со оглед дека како што беше оценето од страна на компаниите на претходните состаноци одржани во Комората, во моментот има расчекор во однос на работењето на производителите на битуменски мешавини согласно барањата на договорните услови за тековните објекти и барањата за сертификација.

Со цел да се надминат овие состојби во практиката и да се усогласат условите за работа на градежните компании, во следниот период се планира започнување на процес за донесување национални стандарди и подзаконски акти во врска со материјалите за патишта во кој е предвидено да се вклучат и компаниите - членки на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија, во рамките на заложбите за примена на Законот за градежните производи и важечките стандарди.

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија