СТАТУСОТ НА БАЊИТЕ ДА СЕ РЕГУЛИРА ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА
👁 Прочитано: 11394



СТАТУСОТ НА БАЊИТЕ ДА СЕ РЕГУЛИРА ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА

Трим Ќемали, претседател на Групацијата на бањи при Стопанската комора на Македонија

Четирите бањи коишто функционираат во земјата како природни лекувалишта (Катлановска Бања ДОО, Дебарски Бањи „Цапа“ АД, Негорски Бањи АД и „Цар Самуил“ АД), нудат продолжено болничко лекување на над 2500 осигуреници годишно, а специјалистичко консултативна здравствена заштита во бањите користат над 14.000 осигуреници годишно.

Согласно измените на стариот Закон за здравствената заштита во 2004 година, бањите се избришани како термин од Законот и со тоа не се дел од субјектите кои функционираат како здравствена организација што врши здравствена дејност и дава здравствена услуга, иако со важечките  договори со Министерството за здравство продолжија да вршат здравствена дејност и да даваат здравствена услуга.

Имајќи предвид дека договорите се со важност до 30 јуни 2019 година, четирите бањи покренаа иницијатива за регулирање на статусот на природните лекувалишта во рамките на важечкиот Закон за здравствената заштита, со предлог да се дефинира нивниот статус како природно лекувалиште, како и да се иницира измена и дополнување на Националната класификација на дејности бидејќи во истата не е предвидена соодветна дејност што ја извршуваат природните лекувалишта како центри. 

По реализираните средби и контакти со надлежните државни институции, се очекува дека во соодветен рок ќе биде надминат проблемот со статусот на бањите во интерес на осигурениците.