„ОЦЕНА НА СООБРАЗНОСТ НА БИТУМЕНСКИ МЕШАВИНИ СОГЛАСНО БАРАЊАТА НА МКС EN-СТАНДАРДИТЕ И ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ“ - едукативен настан на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија
➢ Актуелно (21.02.2019)
👁 Прочитано: 4161




„ОЦЕНА НА СООБРАЗНОСТ НА БИТУМЕНСКИ МЕШАВИНИ СОГЛАСНО БАРАЊАТА НА МКС EN-СТАНДАРДИТЕ И ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ“ - едукативен настан на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија

Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија во соработка со Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија и именуваните тела за оцена и потврда на постојаност на својства ЗИМСЕРТ – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД – Скопје, ГИМ сертификација - Градежен институт „Македонија“ – Скопје и „ЕВРО Консалтинг Сертификација“ – „Евро Консалтинг“ ДОО – Скопје, во присуство на голем број учесници – претставници на компаниите, сертификационите тела, државните институции и научната јавност на 21.02.2019 година одржа едукативен настан на тема „Оцена на сообразност на битуменски мешавини согласно барањата на МКС EN-стандардите и Законот за градежни производи“.

Едукативниот настан имаше за цел компаниите подетално да се запознаат со одредбите на Законот за градежни производи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 104/2015, 192/2015, 53/2016 и 120/2018) со акцент на обврските за производителите на битуменски мешавини, начинот на контрола на производството, барањата од хармонизираните стандарди за битуменски мешавини, почетното испитување за определување на тип на производ и спроведувањето на контролата на фабричко производство – FPC.

Обука за агрегати, бетони и асфалти

Г-дин Никола Крајчевски, претседател на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти во своето поздравно обраќање истакна дека Стопанската комора на Македонија преку Групацијата континуирано презема активности во насока на подетално запознавање на производителите на градежни производи со нивните обврски согласно Законот за градежните производи и дека овој настан е дел од низата едукативни и информативни настани поврзани со сертификацијата на градежните производи, при што досега се одржани едукативни настани и за сертификацијата на агрегатите и бетонот.

Д-р Соња Черепналковска, раководител на секторот за стандардизација при Институтот за стандардизација информираше за работата на Институтот како единственото национално тело за стандардизација задолжено, согласно Законот за стандардизација за подготовка и усвојување на македонски стандарди и во своето излагање поконкретно се осврна на обврските на производителите на градежните производи согласно Законот за градежните производи и важечките стандарди. Д-р Черепналковска посочи дека Законот за градежни производи кој е донесен во 2015 година, разликува градежни производи од хармонизирано и нехармонизирано подрачје, при што согласно последните измени на Законот од јуни 2018 година, во однос на производите од хармонизираното подрачје, истиот има задолжителна примена од 30.09.2018 година, додека за производите од нехармонизираното подрачје производителот е должен да поднесе иницијатива за изработка на национален стандард во рок од една година од донесувањето на Законот и потоа, по усвојувањето на стандардот, во рок од една година да се прилагоди кон истиот. Законот дава многу поголема одговорност на производителот на градежен производ, во поглед на контрола на квалитет и одржување на постојаност на својствата на градежниот производ, при што производителот ја презема одговорноста за сообразност на производот со декларираните перформанси (Изјава за својства). Новина во законот е што претходниот Атсест се заменува со Оцена и потврда на постојаноста на својствата на градежниот производ во врска со нивните суштински карактеристики, при што истата се врши во согласност со еден од системите за оцена и потврда на постојаноста на својствата во согласност со подзаконските акти од овој Закон (1+, 1, 2+, 3, 4) од страна на тела именувани од страна на Министерството за економија за оцена и потврда на постојаност на својства. Битуменските мешавини спаѓаат во системот за оцена и потврда на постојаност на својства 2+ – посочи Черепналковска.

Лилјана Силјаноска од Телото за сертификација на производи ЗИМСЕРТ – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД – Скопје во своето излагање даде детален осврт на обврските на производителите при спроведување на контролата на фабричко производство за битуменските мешавини (нарекувани како асфалтни мешавини т.н. асфалти) во однос на системот на оценка и проверка на постојаност на својства за битуменски мешавини под AVCP систем 2+ (без барања за отпорност на оган), додека Зоран Ѓорѓиевски од ГИМ Сертификација, Градежен институт „Македонија“ – Скопје се осврна на постапката за оцена на сообразност за битуменските (асфалтните) мешавини по топла постапка за дисконтинуирано и континуирано производство, како и на шемата на асфалтните бази (место, локација, назив на фирмата-сопстевеност, тип на асфалтна база, капацитет, тонажа и сл.). Обраќање во врска со процесот на сертификација на асфалтните бази имаше и  Ѓорги Догов од „ЕВРО Консалтинг Сертификација“ – „Евро Консалтинг“ ДОО – Скопје.

Активностите кои Групацијата ги презема со цел запознавање на компаниите со процесот на сертификација на градежните производи и обврските на производителите согласно важечките прописи и стандарди, во насока на подигнување на квалитетот на градежните материјали и на градбите ќе продолжи и во следниот период.

м-р Нена Николовска