ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА АГРЕГАТИ, БЕТОНИ И АСФАЛТИ СО ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА
➢ Актуелно (20.02.2019)
👁 Прочитано: 1562




ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА АГРЕГАТИ, БЕТОНИ И АСФАЛТИ СО ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија на 20.02.2019 година одржа работна средба со претставници на Јавното претпријатие за државни патишта, на која се дискутираше за техничките прописи во градежништвото, како и за состојбите во врска со донесувањето на техничките услови кои во тендерската документација ги пропишува Јавното претпријатие за државни патишта, со посебен осврт на техничките услови за битуменски мешавини.

Претседателот на Групацијата, Никола Крајчевски, информираше дека Групацијата за агрегати, бетони и асфалти континуирано презема активности за подигнување на квалитетот на градежните материјали и на градбите. Во таа насока, Групацијата презема активности поврзани со стандардизацијата на градежните производи и досега има одржано повеќе едукативни и информативни настани со цел запознавање на компаниите и производителите во врска сертификацијата на агрегатите и бетонот, а на 21.02.2019 година во Стопанската комора на Македонија, Групацијата ќе одржи и Едукативен настан: „Оцена на сообразност на битуменски мешавини согласно барањата на МКС EN – стандардите и Законот за градежни производи“ чија цел е компаниите подетално да се запознаат со одредбите на Законот за градежни производи, со акцент на обврските за производителите на битуменски мешавини, начинот на контрола на производството, барањата од хармонизираните стандарди за битуменски мешавини, почетното испитување за определување на тип на производ и спроведувањето на контролата на фабричко производство – FPC.

На средбата со претставниците на Јавното претпијатие за државни патишта се покрена прашањето околу донесувањето на техничките прописи со посебен осврт на теничките услови за битуменски мешавини, при што се констатираше дека во процесот е потребно да се вклучат поширок круг на засегнати страни – претставници од компаниите – членки на Стопанската комора на Македонија, Јавното претпријатие за државни патишта, Институтот за стандардизација на Република Македонија и научната јавност – факултетите.

За таа цел, во следниот период Групацијата ќе продолжи со активностите поврзани со примената на законските прописи, важечките стандарди и техничките услови од областа на изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патиштата, заради унаредување на работењето на учесниците во изградбата и подигнување на квалитетот на градбите.

м-р Нена Николовска