НЕДОСТИГОТ ОД СТРУЧЕН КВАЛИФИКУВАН КАДАР И ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ЛОКАЛНАТА ЕКОНОМИЈА - ТЕМА НА СЕДНИЦАТА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО КИЧЕВО
➢ Актуелно (25.12.2018)
👁 Прочитано: 1399




НЕДОСТИГОТ ОД СТРУЧЕН КВАЛИФИКУВАН КАДАР И ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ЛОКАЛНАТА ЕКОНОМИЈА - ТЕМА НА СЕДНИЦАТА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО КИЧЕВО

Актуелните состојби во стопанството на регионално ниво, проблемите со кои се соочува бизнис секторот и перспективите на локалната економија беа предмет на дискусија на седницата на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Кичево при Стопанската комора на Македонија, која се одржа, во проширен состав (25.12.2018 година). 

Регионална комора Кичево

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески, ги истакна и проблемите од недостиг на квалификуван стручен кадар, надополнети со  процесот на брза миграција на населението од регионот. Во таа насока, од исклучително значење за компаниите во Кичево и општините кои припаѓаат на тој регион е на краток рок недостигот да се надомести со имплементирање на системот на дуално образование. На седницата беше потенцирано дека е потребна поголема институционална поддршка на компаниите од регионот, заокружување на инфраструктурните проекти во делот на патната инфраструктура, а не помалку важна е и можноста да се користат средства од  европските програми во насока на подигнување на степенот на конкурентност на производството. 

На седницата беше  презентирана услугата Excellent SME MACEDONIA, што претставува сертификат за деловно работење, кој го издава Стопанската комора на Македонија во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ од Хрватска, за најуспешните мали и средни компании во Македонија.

Регионална комора Кичево

Компаниите беа информирани дека главна цел на сертификатот, која се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбеди и да се осигури бизнисот, добрите бизнис-пракси и да се зголеми пазарната транспарентност. Сертификатот ќе им овозможи на локалните и на меѓународните бизнис-партнери да го верификуваат постоењето на компанијата, точната веб-адреса и најважното - нејзиниот бонитет. Основата за сертификацијата е кредитниот извештај и континуираниот мониторинг на „COFACE“ - Хрватска. Истовремено, SafeSigned™ веб-сајт технологијата спречува  печатот за квалитет Excellent SME МACEDONIA  да биде копиран и користен на кој и да било друг веб-сајт.

Бенефити од сертификатот, покрај сопственикот на сертификатот, имаат и  клиентите, партнерите и другите посетители на веб-сајтот. Сертификатот за Excellent-SME MACEDONIA се издава, доколку компанијата ги задоволува следниве  критериуми: годишен промет од најмалку 25.000 евра и други локални критериуми за класификација на МСП, бројот на вработените да се движи од 1-250 вработени и компанијата да добие оценка за кредитниот рејтинг од „Coface“ - Хрватска  од најмалку  „6“  за да се квалификува за Excellent-SME сертификат.

Дијана Лазороскa Јованоска