Општина Штип традиционално го одбележува 19 декември, празник којшто е посветен на Патронот на градот „Свети Никола“. На свечена академија беа доделени признанијата и орденот по повод овој празник.
Еден од добитниците на Признанието „19 Декември - Свети Никола“ е Бранко Азески, почесен конзул на Црна Гора во Македонија со седиште во Штип и претседател на Стопанската комора на Македонија. Признанието му се доделува за особени заслуги како долгогодишен поддржувач и афирматор на градот Штип.

- Добивањето на оваа награда е огромна обврска, бидејќи јас бев избран за почесен конзул на Црна Гора во Македонија со седиште во Штип за да ги поттикнам активностите на бизнисот од Источна Македонија кон Црна Гора, со оглед на фактот дека најголем дел од истиот се одвиваше во Западна Македонија. За мене е голем предизвик да помогнам во поттикнувањето на извозните активности на компаниите од Источна Македонија, затоа што некако се чувствува дека се запоставени на некој начин во однос на Скопје и на запад. Многу сум среќен што и градоначалникот и Општината ја препознаа таа моја активност, и со тоа ме обврзаа во наредниот период да истраам во таа работа, - истакна во своето обраќање претседателот Бранко Азески.

- Дозволете ми на почетокот да го честитам празникот „Свети Никола“ на сите граѓани на Општина Штип. Оваа година добитниците на годишните признанија се заслужни граѓани и организации кои придонесуваат кон градењето и зацврстувањето на општественото ткиво. Општина Штип знае да ги препознае, но и да ги вреднува и цени оние личности и субјекти кои покажуваат со личен пример како се ценат и негуваат вистинските општествени вредности. Затоа, ми претставува особена чест што како градоначалник по втор пат имам можност да ги доделам овие признанија на овие заслужни личности, - истакна градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Моника Стоичева