ОДРЖАНА РЕВИЗИСКА МИСИЈА ПО ТВИНИНГ-ПРОЕКТ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИОТ КАПАЦИТЕТ НА ЛОКАЛНО И НА ЦЕНТРАЛНО НИВО ЗА ТРАНСПОНИРАЊЕ И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА НОВАТА ДИРЕКТИВА ЗА ИНДУСТРИСКИ ЕМИСИИ 2010/75/EU
➢ Актуелно (07.11.2018)
👁 Прочитано: 934



ОДРЖАНА РЕВИЗИСКА МИСИЈА ПО ТВИНИНГ-ПРОЕКТ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИОТ КАПАЦИТЕТ НА ЛОКАЛНО И НА ЦЕНТРАЛНО НИВО ЗА ТРАНСПОНИРАЊЕ И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА НОВАТА ДИРЕКТИВА ЗА ИНДУСТРИСКИ ЕМИСИИ 2010/75/EU

Во рамките на Здружението на металургијата, а во соработка  со Министерството за животна средина и просторно планирање, денес во Стопанската комора на Македонија се одржа состанок во врска со Твининг-проект за зајакнување на административниот капацитет на локално и централно ниво за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии 2010/75/EU. Целта на состанокот беше да се направи ревизија сите аутпути кои произлегоа од Директивата, односно на досегашните активности и предложените законски решенија во рамките на Проектот, како и да се дадат предлози за натамошна соработка.

Во оваа ревизиска мисија учествуваа претставници на одреден број големи индустриски и енергетски капацитети од државата и меѓународните експерти: Клеменс Конард, поранешен постојан твининг-советник, адвокат за животна средина од Агенцијата за животна средина на  Австрија и Хуиб ван Вестен, твининг експерт за ревизија и виш инспектор во Инспекторатот за животна средина и транспорт од  Холандија.

Претставниците на индустријата ги истакнаа своите искуства од реализираниот Проект, особено во делот на направените пилот-извештаи за индустриските емисии согласно новите гранични вредности, но истакнаа и воочени слабости како што е ненавременото вклучување на индустријата во подготовка на нацрт-верзијата на законот за индустриски емисии, како и потребата од поголем временски простор за давање сугестии и предлози од аспект на спецификата на материјата што ја регулира овој закон.

Беа дадени предлози за натамошна соработка во делот на едукација и подготовка на индустријата за соодветно аплицирање за добивање интегрирани дозволи за идентификација на извори на емисии и за извештаи за вредностите на емисиите.

На крајот, од присутните претставници на индустриските капацитети беше побарано да се добие одговор на доставените сугестии и предлози по втората верзија од нацрт-законот за индустриски емисии. Индустријата во целост ги поддржува активностите на надлежното Министерство во насока на хармонизирање на националното со европското законодавство, со цел постигнување високо ниво на заштита на животната средина, но забелешките укажуваат на неопходноста при дефинирањето на крајните законски решенија да се има предвид истите да не предизвикаат нерационални финансиски обврски за индустријата за сметка на незначителни еколошки бенефити, особено за лесно загадувачките индустрии.

Зорица Мешкова