ПРОБЛЕМОТ СО НЕДОСТИГ НА РАБОТНА СИЛА ВО ПОВЕЌЕТО СТОПАНСКИ ГРАНКИ ВО РЕГИОНОТ - ТЕМА НА СЕДНИЦАТА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ПРИЛЕП

   

АКТУЕЛНО / 06.09.2018
👁 Прочитано: 897


ПРОБЛЕМОТ СО НЕДОСТИГ НА РАБОТНА СИЛА ВО ПОВЕЌЕТО СТОПАНСКИ ГРАНКИ ВО РЕГИОНОТ - ТЕМА НА СЕДНИЦАТА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ПРИЛЕП

Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Прилеп, на состанокот во проширен состав на којшто присуствуваше и градоначалникот на Општината, д-р Илија Јованоски, дискутираше за актуелните состојби во стопанството на регионално ниво, со посебен осврт на проблемот со недостиг на работна сила во повеќето стопански гранки.

На состанокот беа присутни и претставници од компаниите од секторите за човечки ресурси кои континуирано прават подлабински анализи за причините и последиците од проблемот со недостиг на работна сила. Согласно информациите, беше посочено дека проблемот со квалификуван кадар и воопшто работна сила не е само проблем во Македонија, туку и во регионот генерално, а причината не е само иселувањето во земјите на Западна Европа, туку и големиот број слободни работни места што се нудат во земјите-членки на ЕУ, како Полска, Чешка, Словачка.

 

Во дискусијата којашто се разви меѓу присутните заеднички беше констатирано дека освен надворешните фактори постојат и неколку внатрешни кои го усложнуваат и така големиот проблем со недостиг на стручен и квалификуван кадар за потребите на стопанството.

Беше даден и предлог за интензивирање на соработката на компаниите со средните стручни училишта, преку стипендирање на ученици, платена работна пракса во компаниите и сл.

Како позитивен пример беше посочена активноста на „Тутунскиот комбинат“, кој заедно со „Филип Морис“ инвестираат 80.000 САД долари во реновирање на 4 училници во Средното индустриско училиште во Прилеп, со цел да се обезбедат подобри услови и учениците да имаат мотив за едукација, а својата иднина и опстанок би ги гледале во општината.

Дискусијата на бизнис секторот беше поддржана и од градоначалникот на Општина Прилеп, кој посочи дека согласно вака поставената дискусија ќе бидат изградени конкретни предлози и иницијативи.

На крајот на седницата, членките на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Прилеп го избраа Симон Наумоски, претседател на Бордот на директори на „Витаминка“ за почесен претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп, согласно неговото активно ангажирање на регионално ниво, кој ја раководеше Комората во Прилеп во изминатиот период.   

Горан Попоски