Во организација на Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанската комора на Македонија, во соработка со компанијата ,,ПАКОМАК“ - Скопје, на 23.11.2017 година се одржа презентација на обврските кои ги имаат компаниите и општините при имплементација на Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Компанијата „ПАКОМАК“ е основана 2010 година, чија дејност е управување со отпад од пакување и е прва компанија во Македонија што поседува дозвола за селекција и преработка на отпад од амбалажи. Од 20 мај 2011 година „Пакомак“ е 34-та национална непрофитна компанија што се приклучи кон меѓународната мрежа за управување со амбалажен отпад „ProEurope“ (http://pro-e.org/), со што ја доби лиценцата за употреба на симболот „Green Dot“. „Green Dot“ е финансиски симбол, кој означува дека за пакувањето што го има тој знак е платен надомест за постапување со отпадот по употребата.

Пред присутните компании, како и пред претставници од Општина Кавадарци, Ико Брдароски, менаџер за грижа за корисници и Игор Макалоски, оперативен менаџер на „Пакомак“, истакнаа дека производителите и увозниците на производи спакувани во амбалажа имаат законска обврска да организираат систем за собирање, селекција и рециклирање на сопствениот амбалажен отпад, кој завршува кај крајните корисници. Со ваквиот принцип на „продолжена одговорност на производителот“, сите субјекти во синџирот до крајниот корисник (производителите, пакувачите, увозниците, дистрибутерите) треба да овозможат повторна употреба или искористување на амбалажниот материјал што го пласираат на пазарот.
Ико Брдароски истакна дека до крај на 2017 година ќе се соберат 21 илјада тони отпад од пакување , а од година во година растат бројките на собран отпад.

Соработката со комуналните претпријатија е исто така од големо значење за непречено одвивање на селекцијата и преработката на отпадот од амбалажа.
На крајот на дискусијата се заклучи дека се потребни т.н. модуси за евидентирање на отпад (за помалите загадувачи), поголема покриеност на микро локациите, како и право на тргување, со цел да им се олесни работата на компаниите.
Тања Мицева