РЕГИОНАЛНИТЕ КОМОРИ СО СЕДИШТА ВО ВЕЛЕС, БИТОЛА И КИЧЕВО ОРГАНИЗИРАА ДЕЛОВНИ СРЕДБИ МЕЃУ КОМПАНИИ ОД ТРИТЕ РЕГИОНИ

   

➤ АКТУЕЛНО (06.10.2017)
👁 Прочитано: 494


РЕГИОНАЛНИТЕ КОМОРИ СО СЕДИШТА ВО ВЕЛЕС, БИТОЛА И КИЧЕВО ОРГАНИЗИРАА ДЕЛОВНИ СРЕДБИ МЕЃУ КОМПАНИИ ОД ТРИТЕ  РЕГИОНИ

Регионалните комори со седишта во Велес, Кичево и Битола организираа деловна средба меѓу компаниите од трите  региони со цел зголемување и интензивирање на соработката (6.10.2017 година). Средбата се одржа во Регионалната комора со седиште во Велес, а на која присуствуваа претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес Георги Чадиев, претседателите на регионалните комори со седиште во  Кичево и Битола, Игор Соколески и Мирко Велковски, како и над 30-тина компании од трите региони.

 

Во своето обраќање Георги Чадиев ги поздрави присутните и им заблагодари за покажаниот интерес за соработка, при што  потенцираше дека  бенефитот од  досегашните средби е значаен фактор за поуспешна комуникација меѓу компаниите од трите региони. Тој исто така ја истакна  и целосната поддршка од центрите за развој на планските региони  во делот на интензивно заедничко дејствување со цел подобрување и изградба на патната мрежа на патниот правец Велес - Прилеп - Битола -Меџитлија кон границата со Р. Грција, како и краците кон Охрид и регионалниот пат Битола - Кичево.

Свое обраќање имаа и претседателите на регионалните комори со седишта во Битола и Кичево, кои  се заблагодарија за поканата и ја поддржаа иницијативата за доизградба на патните правци.

Присутните отворија дискусија и за модернизација на системот за патарини и проблемите со либерализацијата на пазарот на електрична енергија, како и што побрза реализација на гасната инфраструктура со цел економски поисплатливи решенија за енергетската потрошувачка.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола побара да се достават записниците и заклучоците од состаноците со претставниците на Владата на РМ и да се формира работно тело кое би ја следело работата по истите, а кое би било составено од претседателите на регионалните комори и три стручни лица.

Присутните деловни луѓе ги презентираа своите компании и своите интереси за соработка. На оваа средба беа застапени компании од областа на прехранбената индустрија, градежништвото, металургијата и трговијата. Бизнисмените разменија  искуства и мислења за мерки кои се потребни да се преземат за подобрување на климата за инвестирање и развој. Средбата се заокружи со посета на компанијата „Смелт-Инг“ од Велес, каде што присутните се запознаа со нивното работење. Компанијата е во доменот на производство компоненти за електро-индустријата, односно, ормари за електрични броила.

Регионалните комори при Стопанска комора на Македонија и во иднина ќе продолжат со организација на слични средби за подобрување на комуникацијата меѓу членките и регионите во државата.

Ирена Жарова