РАБОТЕН СОСТАНОК НА ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ВЕЛЕС СО ПРОФ. Д-Р КОЧО АНЃУШЕВ, ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РМ ЗАДОЛЖЕН ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА И ЗА КООРДИНАЦИЈА СО ЕКОНОМСКИТЕ РЕСОРИ

   

➤ АКТУЕЛНО (31.08.2017)
👁 Прочитано: 402


 РАБОТЕН СОСТАНОК НА ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ВЕЛЕС СО ПРОФ. Д-Р КОЧО АНЃУШЕВ, ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РМ ЗАДОЛЖЕН ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА И ЗА КООРДИНАЦИЈА СО ЕКОНОМСКИТЕ РЕСОРИ

Регионалната комора со седиште во Велес беше домаќин на работниот состанок на којшто присуствуваше проф. д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, со цел отворање поширока дискусија за актуелните состојби во земјата, планираните мерки на Владата за натамошен раст и развој на стопанството.

 

Во интерес на создавање подобра бизнис клима и развој на економијата во велешкиот регион, претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес  Георги Чадиев на почетокот на дискусијата, како приоритетни ги истакна прашањата за натамошниот развој на регионот согласно новите проекти на Владата на Република Македонија, текот на Проектот за наводнување на земјоделските површини, изградбата на патот Велес – Прилеп, можностите за поголема искористеност на ИПА-фондовите, повратот на ДДВ во законски предвидениот рок, како и системот на образование во функција на стопанството согласно нивните потреби.

Проф. д-р Анѓушев истакна дека Владата на РМ ќе се фокусира на преземање конкретни мерки за пораст на економијата во државата и нема да прави разлика помеѓу македонски и странски компании,  ќе се воведат нови пакет-мерки за поддршка на секое ново работно место, со посебен акцент на високо образованата млада популација со стимулативна плата двојно повисока од просечната, со цел намалување на одливот на висококвалитетна работна сила. Проектот за водоснабдување е на врвот на приоритети за Велес, се согласи вицепремиерот и истиот ќе биде продолжен и комплетиран. Во новите мерки кои наскоро ќе ги промовира Владата, а се насочени за поддршка на компаниите, ќе се стави акцент на извозните компании, ќе се воведе дуален систем на образование со почеток од наредната  година, во договор помеѓу компаниите и училиштата согласно Германскиот систем на образование базиран според потребите на стопанствениците. Сите планирани мерки ќе се однесуваат на оние компании кои ќе дадат конкретни резултати, односно оние кои се здрави и конкурентни за да може да се очекуваат и конкретни ефекти од поддршката што тие би ја добивале. Со сетот мерки може  да се очекува раст на бруто домашниот производ во наредните три години од околу 10 %.

Присутните стопанственици земаа активно учество во дискусијата за развојот на инфраструктурата, развојот на туризмот, приклучување кон гасоводната мрежа, доизградба на системот за водоснабдување „Лисиче“, промена на моделот на субвенционирање на земјоделското производство, а воедно даваа и одредени предлози за реализација на истите.

Работниот состанок беше позитивно оценет и заедничка беше констатацијата дека ваквата пракса на комуникација на бизнис секторот од регионалните комори со претставниците на Владата, ќе продолжи и во иднина. За сите дополнителни отворени прашања од страна на деловните субјекти од Велес, до Регионалната комора со седиште во Велес можат да бидат доставени иницијативи, кои понатаму ќе бидат проследени до Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

На состанокот присуствуваа и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, директорката на Дирекцијата според дејности Билјана Пеева Ѓуриќ, како и 50-тина претставници на бизнис секторот од велешкиот регион.

Ирена Жарова