Одржана информативна сесија во Велес на тема: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ НА КОМПАНИИТЕ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП

   

➤ АКТУЕЛНО (04.07.2017)
👁 Прочитано: 409


Одржана информативна сесија во Велес на тема: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ НА КОМПАНИИТЕ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП

Во рамките на Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“, на 04.7.2017 година во хотел „Романтик“ во Велес, се одржа информативна сесија на тема: „Придобивки и обврски на компаниите при вработувањето лица со хендикеп“, во организација на Стопанската комора на Македонија, Регионалната комора со седиште во Велес и „Полио Плус – движење против хендикеп“.

Оваа информативна сесија беше наменета за информирање и запознавање на  компаниите со придобивките и обврските кои ги имаат при вработувањето  лица со хендикеп, а во насока на создавање инклузивна работна сила, бидејќи според истражувањата на Стопанската комора на Македонија, постои недоволна информираност на компаниите за различни прашања поврзани со вработувањето и задржување во работен однос на лицата со хендикеп.

 

Модератор на настанот беше Томислав Ортаковски, програмски раководител на „Полио Плус–движење против хендикеп“, кој ги поздрави присутните и ги претстави активностите насочени кон институциите и компаниите кои имаат цел да придонесат за целосно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси

Проф. д-р Лазар Јовевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, зборуваше за различни аспекти поврзани со предизвиците при создавање   инклузивен пазар на труд, при што во првата сесија ги објасни  придобивките и  бенефициите за компаниите кои вработуваат лица со хендикеп, институционалната поставеност на системот за поддршка на вработување на лица со хендикеп, а во втората сесија ги истакна прашањата на еднаквост и недискриминација при вработување лица со хендикеп, разумното приспособување на работното место и улогата на организациите на лица со хендикеп во фацилитирање на процеси.

Учесниците на информативната сесија имаа можност да се вклучат во дискусија и да ги изнесат своите искуства и предлози поврзани со вклучувањето на лицата со хендикеп на пазарот на труд.

Преку овој Проект ќе се таргетираат компаниите кои се подготвени и сакаат да вработат лица со хендикеп, или, пак, веќе имаат вработено такви лица. Ќе се настојува да се отворат сите работни процеси за лицата со хендикеп во заинтересираните компании, имајќи предвид дека покрај вложувањето во унапредување на знаењата и вештините на лицата со хендикеп, од неизмерна важност е и поддршката на компаниите во процесот на создавање целосна и ефективна инклузија на лицата со хендикеп.

Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“ е едногодишен заеднички проект на Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус – движење против хендикеп“ и е дел од Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 година – ИПА 4 компонента.

Ирена Жарова