ОБВРСКИ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА АГРЕГАТ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ
➢ Актуелно (12.06.2017)
👁 Прочитано: 1238




ОБВРСКИ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА АГРЕГАТ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ

Одредбите на Законот за градежни производи („Службен весник на РМ“, бр. 104/2015, 192/2015 и 53/2016) воведуваат промени во начинот на контролата на производството кај градежните производи, на начин на којшто се дава многу поголема одговорност на производителот на градежен производ во поглед на контролата на квалитетот и одржување на постојаност на својствата на градежниот производ (12.6.2017 година).

Во Република Македонија има голем број деловни субјекти на кои им се издадени концесии за експлоатација на минерални суровини  -  варовници, кварц, песок и чакал на повеќе различни локации, кои изнесуваат преку 100 компании, како и ангажирање на компании кои се вклучени во расчистување на речните корита кои вадат речен материјал (песок и чакал), за што се наметна потребата да се одржат повеќе едукативни состаноци по региони во земјата, бидејќи никој не е изземен од промени во начинот на контролата на производството, односно од обврските кои произлегуваат од Зaконот за градежни производи.

 

Во изминатиот период од околу месец и половина, одржани се шест едукативни состаноци и тоа во Скопје, Струмица (беа опфатени струмичкиот, радовишкиот и  гевгелискиот регион), Струга (охридско-струшкиот регион), Гостивар (гостиварско-тетовскиот регион), Кавадарци (кавадаречкиот, велешкиот, неготинскиот, прилепскиот и битолскиот регион). Останува во скоро време да се одржи ваков состанок и во кумановско-кратовскиот регион, со што ќе бидат опфатени скоро сите компании кои експлоатираат варовници, кварц, песок и чакал. Интересот на компаниите беше максимално изразен, при што имаше присуство од преку 130 претставници од компаниите.

Се отпочна со состаноци со компаниите кои експлоатираат варовници, кварц, песок и чакал, односно агрегати, било од каменоломи или од речните корита, кои се составен дел во производството на бетон, асфалт, малтери или како материјал за насип за патишта, односно материјал кој е составен дел скоро во многу други градежни производи. 

Количините кои се произведуваат од година во година бележат тренд на зголемување, така што само за илустрација, според официјалните статистички податоци, во последните две-три години производството на варовнички камен се движи околу 1.000 илјади до 1.110 илјади тони, потоа песок за градежништво околу 120 илјади  до 150 илјади тони, а кршен камен или дробен камен кој се употребува како агрегат за бетон, за насипување на патишта и за други намени се движи од 350 илјади до 400 илјади тони.  Само за мала споредба, кршен или дробен камен во 2012 година имавме производство од околу 60.000 тони, а во 2013 година околу 100  илјади тони. Треба да се напомене дека и песокот и чакал, кои се вадат од речните корита, не се изземени од Законот на градежни производи. Проценка е дека од речните корита се вадат околу 200-300 илјади м3 речен материјал, кој се обработува во сепарациите и се пласира на градежниот пазар.

Во овој период има зголемување и на производството на бетон, што се движи од околу 176 илјади тони во 2010 година, а во 2016 година има производство од 340.000 тони, а истото се случува и во производството на малтери, односно, во 2010 година се произведени 58.000 тони малтери, а во 2016 година произведени се околу 82.000 тони.

Зголемувањето на производството секако е поврзано и со инвестициитe во изградба на магистрални, регионални и локални патишта, но и изведба на објекти од високоградбата.   

Групацијата на агрегати, бетони и асфалти (ГАБА) одлучи да се рaзговара и да се презентираат новините во Законот за градежните производи, од причина што имплементацијата е процес, во кој секој субјект би требало да биде вклучен во делот на фабричката контрола на производството, како со своја опрема, така и со едуциран кадар. 

Имплементацијата на Законот обврзува производителот во целост да е одговорен за производството, оценување и потврдување на сообразноста на градежниот производ. Законот дава голема одговорност на производителот на градежен производ, во поглед на контролата на квалтет и во однос на одржување на постојаност на својствата на градежниот производ.

Тоа значи дека самиот производител издава потврда за квалитет за својот производ, т.е. Изјава за својства (Declaration of performance), која во целост ќе го замени досегашниот Атест, издаден за период од 6 месеци од овластена институција. Со изготвување на Изјавата за својства, производителот ја презема одговорноста за сообразност на производот во согласност со националните (европски) стандарди.

За да може производителот на агрегат или неговиот овластен застапник, да изготви Изјава за својства со која ќе може слободно да го пласира производот на пазар, производителот треба да поседува Сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за серификација на градежни производи.

Именуваните тела за сертификација на градежни производи ќе спроведуваат и постојан надзор над фабричката контрола на производството, со цел производителот да ја докаже постојаната контрола на квалитет и да ја потврди исполнетоста на барањата за сертифициран производ.

Услов за одржување на Сертификатот е трајно и целосно задоволување на сертификационите критериуми, од страна на производителот.

Во Р. Македонија има две именувани тела за сертификација на градежни производи од страна на Министерството за економија на РМ и истите се објавени на веб-страната на Министерството за економија и една компанија е во постапка на добивање.

Агрегатите се основните суровини за производство на голема палета на градежни производи, па затоа се разговара за нив и се појаснуваат сите прашања и дилеми околу процесот на фабричката контрола на квалитетот. Контролата на квалитетот е врзан синџир, во кој покрај производителите на кој и да било градежен производ, вклучени се изведувачите и надзорните инженери. Државната пазарна инспекција исто така, согласно закон, е вклучена во контролата на квалитетот на производот.

Целта на состаноците беше да се запознаат компаниите со измените на Законот за градежни производи, при што сите се залагаат за квалитетен производ, а на крај и квалитетен градежен објект. Голем дел од концесионерите веќе имаат искуство во своето работење, но со помош на акредитираните лаборатории и телата за сертификација постепено ќе бидат усвоени сите стандарди, со што ќе се елиминира и нелојалната конкуренција, а доколку во иднина производителот нема да поседува изјава за својства, нема да може да учествува на тендери.

Посебно беше покренато прашањето околу застојот во продолжување на дозволите на фирмите кои се вклучени во регулирање на речните корита, при што  се вади и квалитетен песок и чакал кој е нанос од реката и има примена во производството на градежен материјал. Реакцијата беше насочена кон Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е надлежно за водите. И покрај изработени и доставени проекти за регулирање на речното корито и вадење на песок, како што беше истакнато, за жал, нема продолжување на договорите, а од друга страна се прават штети од наносите на песокот, кои достигнуваат во зависност од регионот и преку стотици илјади евра.

Марија Петроска