ПРОФ. Д-Р КОЧО АНЃУШЕВ, КАНДИДАТ ЗА ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РМ ЗАДОЛЖЕН ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА

   

АКТУЕЛНО / 22.05.2017
👁 Прочитано: 1035


ПРОФ. Д-Р КОЧО АНЃУШЕВ, КАНДИДАТ ЗА ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РМ ЗАДОЛЖЕН ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА

Стопанската комора на Македонија, како најстара и најбројна бизнис-асоцијација во државата, за кандидат за заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања го предлага проф. д-р Кочо Анѓушев, успешен македонски бизнисмен и претприемач, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во рамките на Комората, основач и главен извршен директор на „Фероинвест“ ДОО - Скопје и „EДС“ ДОО - Скопје, претседател на Бордот на директори на „БРАКО“ - Велес и редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

Досегашното несебично залагање на проф. д-р Кочо Анѓушев во реализирањето на бројните настани, иницијативи, мерки и други активности кои ги спроведуваше изминатиот период во својство на претседател на МЕА и во својство на потпретседател на Стопанската комора на Македонија, и двете коморски функции на волонтерска основа,  претставува доволна почетна основа дека како профил директно од бизнисот, кој има лично практично искуство и познавање на состојбите во производството и извозот, како и познавање на целокупните економски состојби во државата, реално може да се очекува дека д-р Анѓушев на оваа позиција во Владата на РМ ќе даде значаен придонес во унапредувањето на деловната клима во државата и секогаш ќе се раководи од начелото на задолжителна консултација со бизнис-заедницата за сите клучни прашања што ги засегаат. Сето тоа произлегува од богатото практично искуство стекнато во долгогодишната работа на повеќе полиња од економскиот живот, а пред се` од способноста и искуството за успешно менаџирање со капиталот и вработените, решителноста во креирањето на деловната политика во пресрет со предизвиците и ризиците,  организационото и управувачко делување, како значајни аспекти што го красат еден врвен бизнисмен.

Проф. д-р Кочо Анѓушев е автор е на повеќе од 100 научни трудови објавени во меѓународни и домашни научни часописи и симпозиуми. Под негово водство се реализирани повеќе од 50 проекти во индустријата од областа на машинството и енергетиката. Учесник е на повеќе трибини во организација на ЕБРД и ИФЦ.

o Научен и професионален ангажман

Проф. д-р Кочо Анѓушев e роден на 20.6.1969 година во Велес, каде завршува основно и средно образование. Во 1992 година дипломира на Машинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, пред предвидениот рок како првенец во генерација со просек 9,36 и останува да работи како асистент на истиот факултет. Во 1995 година магистрира на Институтот за механика. Од 1996 година тој е научен истражувач на Машинскиот факултет во Ахен, Германија каде ја подготвува докторската дисертација насловена: „Влијанието на вибрациите кај лостовите и бреговите механизми врз нивните кинематички функции“. Во 1998 година докторира на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во областа на механика и динамика на машини. По докторирањето, избран е за доцент, а потоа и за редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, каде што и денеска предава. Во 1999 година своето работно искуство како професор го проширува во Лавборо, Англија каде е гостин професор на тамошниот Машински факултет од областа на динамика на машини. Од 2000 до 2002 година, проф. д-р Анѓушев ја извршува функцијата помошен генерален директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија (ЕСМ), каде е одговорен за организирање на домашното производство на електрична енергија, инвестициското одржување на електраните и рудниците и спроведување на проекти за нивна модернизација и рехабилитација. Во исто време проф. д-р Анѓушев управува со електроенергетскиот сектор на Република Македонија и трговијата и размената на електрична енергија. Во периодот од 2003 година ја основа Групацијата „Фероинвест“ ДОО, вo чиј состав се фирми кои доминантно се занимаваат со инженерство, индустрија и енергетика.

o Метало-преработувачка и машинска индустрија

„Фероинвест“ е сопственик на 50 % од фабриката „Брако“ во Велес и нејзината ќерка - фабрика „Брако Ваир Продуктс“ (Brako Wire Products) лоцирана во Панчево, Србија. Основната дејност на овие фабрики е во областа на метало-преработувачката и машинска индустрија. Во двете фабрики вработени се околу 600 лица, а производство е доминантно наменето за извоз. Во „Брако“ се произведуваат камиони, високо автоматизирани и специјализирани во областа на урбаното одржување. Станува збор за прв домашен бренд произведен во Македонија во автомобилската индустрија. „Брако“ има и широк спектар на производни програми од жичен производ, медицински помагала, опрема за вилушкари, опрема за аеродроми како и производство на опрема за мали хидроелектрани. „Брако“ денес извезува во 21 држава, доминантно во земјите од Европската Унија, Соединетите Американски држави, Јапонија и земјите од регионот.

o Производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија

Втората дејност на Групацијата „Фероинвест“ е во областа на производството на електрична енергија од обновливи извори, за која се развиени групи на фирми специјализирани за хидроелектрани „Аквават“ (Aquawatt), каде се проектирани над 100 мали хидроелектрани во Македонија и регионот. Во своето портфолио Групацијата „Фероинвест“ водена од проф. д-р Анѓушев има во целосна сопственост 19 хидроцентрали, а во 8 се јавува и како ко-сопственик. Во сопственост на „Фероинвест“ е и компанијата „ЕМС“ специјализирана за мониторинг и одржување на хидроелектрани.

Целосната опрема што е вградена во електраните е од домашно производство проектирана и произведена во фирмите од Групацијата „Фероинвест“.

o Снабдување со електрична енергија

Третата дејност на Групацијата „Фероинвест“ е снабдување со електрична енергија. На слободниот пазар „Енерџи Диливери Солушнс“ (Energy Delivery Solutions ), заедно со своите ќерки - фирми во Словачка, Србија, Косово и Хрватска е активен учесник на пазарите во регионот, меѓу кои и во Бугарија, Грција, Унгарија и во Австрија. „ЕДС“ се етаблира како една од најголемите компании во ова обаст во регионот. Денес, Групацијата „Фероинвест“ вработува повеќе од 850 лица и има годишен обрт од 150 милиони евра.

o Општествена одговорност

Како општествено одговорна компанија, во изминатите децении „Фероинвест“ под раководство на проф. Д-р Анѓушев е вклучена во бројни проекти наменети за поддршка и развој на образованието, спортот и култура во Македонија.

Во 2016 година ја основа Фондацијата Анѓушев, преку која се обезбедуваат стипендии за студенти и млади научни истражувачи.

Проф. д-р Анѓушев е член на Управен одбор и спонзор на Ракометната федерација на Македонија, како и сопственик и главен спонзор на Фудбалскиот клуб „Борец“ од Велес.

Семејството Анѓушеви се донатори на фрескоживописот во црквата Св. Кирил и Методиј во Велес.


Веруваме дека предложеното решение ќе биде дополнителен поттик за нас, како најстара и најбројна бизнис-асоцијација во државата, да продолжиме да работиме во насока на подобро функционирање на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор, со цел унапредување на пазарното стопанство и претприемништвото и создавање услови за подобра бизнис клима во државата.