Регионалните комори со седиште во Прилеп и во Кавадарци при Стопанската комора на Македонија, на 26.4.2017 година, организираа заедничка деловна средба на компаниите од двата региона, која се одржа во Прилеп во хотел ,,Салида’’. Свои воведни обраќања имаа Симон Наумоски, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп, кој воедно и ја водеше седницата. О Регионалната комора со седиште во Кавадарци, присутните ги поздрави Игор Мицев од ,,Кожувчанка’’. На средбата активно учество земаа околу триесетина компании од двата региона и тоа од различни дејности. На присутните им се обратија, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, како и градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов.

Деловната средба беше во функција на зголемување и интензивирање на соработката, како и воспоставување директни контакти и средби меѓу бизнисмените, со значајна поддршка на локалните самоуправи.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Симон Наумоски, ја потенцираше можноста интензивирање за веќе воспоставената деловна соработка на компаниите од двата региони. Наумоски предложи како предмет на деловните средби, да бидат актуелните настани од временските услови (измрзнувањето на земјоделските култури), која беше прифатена.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека оваа втора по ред деловна средба помеѓу двете регионални комори е од големо значење за развојот на локалната економија, зајакнување на деловните односи, како и придонес за зголемување на странските инвестиции во регионот. Ристески го истакна значењето на гасоводот и текот на неговата изградба како и можноста за гасификација на целиот регион, исто така истакна дека е во тек подобрување на патната инфраструктура, бидејки патиштата претставуваат еден вид крвоток и не смеат да бидат запоставени.

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов истакна дека гасификацијата е капитален проект. Барање од страна на градоначалникот е Комората да поднесе иницијатива за забрзување на постапката за обештетување на лозарите и овоштарите.
Присутните деловни луѓе ги презентираа своите дејности. Бизнисмените разменија искуства и мислења за мерки кои се потребни да се преземат за подобрување на климата за инвестирање, проблемите во ликвидноста, во извозот, како и недостигот на квалификувана работна сила.

По завршувањето на деловната средба, присутните беа запознаени со новите потполно компјутеризирани погони за производство на чоколадо, на „Витаминка“ АД Прилеп.
Ристо Најдоски
Мицева Тањa