Стопанската комора на Македонија домаќин на Регионалната конференција - МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО ЕФИКАСЕН НАЧИН НА АЛТЕРНАТИВНО РЕШАВАЊЕ НА СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ
➢ Актуелно (26.04.2017)
👁 Прочитано: 8450




Стопанската комора на Македонија домаќин на Регионалната конференција - МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО  ЕФИКАСЕН НАЧИН НА АЛТЕРНАТИВНО РЕШАВАЊЕ НА СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИКликни за повеќе

Стопанската комора на Македонија во заедничко партнерство и со поддршка на ДИХК – ЦЕФТА Проектот (Асоцијација на трговско-индустриските комори на Германија и ЦЕФТА-коморите) беше домаќин на Регионалната конференција на тема: „Медијацијата како  ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“, со цел подигнување на јавната свест за мирно решавање на споровите со помош на алтернативни начини на решавање на споровите како што е  медијацијата и тоа со посебен осврт на стопанските спорови, тргнувајќи од фактот дека коморите по вокација се застапници на интересите на бизнис заедницата и стопанството (26.4.2017 година).

 

Стопанската комора на Македонија дава целосна поддршка на овој процес што се гледа преку активностите кои ги презема за промоција на медијацијата преку формирањето и на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата како форма на организирање и работење во рамките на Комората. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата  е формирана на 15 јули 2016 година,  а потоа со лиценцирани медијатори и експерти од областа на медијацијата, од втората половина на 2016 година до денес започна со промоција на медијацијата организирајќи повеќе од 15 бесплатни семинари низ целата територија на Република Македонија, на кои земаа учество над 500 претставници од компаниите од различни сектори, како и претставници од државните институции, истакна д-р Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, лиценциран медијатор, лиценциран арбитер и помирувач.

Во Република Македонија медијацијата е институционализирана преку Законот за медијација во 2006-та. За запознавање на македонските компании со законските измени е дека, со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП  според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата, тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот судот ќе ја отфрли, подвлече д-р Георгиева.
 

Република Македонија следејќи ги трендовите од нормативно правен аспект е подготвена на своите граѓани да им овозможи правна рамка и можности за алтернативно решавање на споровите како со медијацијата и улогата на Министерството за правда има главна улога во целокупниот процес. Министерството е надлежен орган за изготвување на Законот како и за подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за медијација. Предвидени се и субвенции за страните кои ќе се одлучуваат нивниот спор да го решат по пат на медијација и сето тоа во олеснување на нивниот пристап до правдата, истакна м-р Миљазим Мустафа, државен советник во Министерството за правда на Република Македонија.

Актуелните случувања и искуства од областа на медијацијата во земјите членки на Европската Унија,  ги споделија амбасадорот Н.Е. д-р Кристине Д. Алтхаузер на Сојузна Република Германија во Република Македонија и Н.Е. Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија.

Влијанието на новиот Закон за медијација, кој започна да се применува во 2016 година во Германија, досега беше доста ограничено. Во последните години во Германија, на годишно ниво околу 80.000 до 100.000 случаи беа решени преку медијација. Оваа бројка е доста ниска доколку се земе во предвид фактот дека тоа се само 1,6 случаи по адвокат. Но, уште сега можеме да кажеме дека отворено е ново поглавје и во следните години се очекува поинтензивна употреба на овој инструмент, нагласи д-р Алтхаузер, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија. 

Практикувањето на медијацијата е во пораст и се очекува во иднина да порасне уште повеќе и тоа поради глобализацијата, приватизацијата, намалувањето на буџетите и желбата граѓаните да имаат поголемо влијание врз своите работи. Кралството Холандија е трета земја во Европа по користење на медијацијата како ефикасна алатка за решавање на споровите, додаде Н.Е. Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија.

Од голема важност е усогласувањето на законодавството на Р.Хрватска со Директивата на Европската Комисија за одредени аспекти на медијацијата и граѓанските и трговските прашања, истакна г-дин Стипе Шола, претседател на Центарот за медијација „Медијатор“ од Загреб, Република Хрватска.

Во вториот дел од Конференцијата преставниците на Коморите во Регионот и Македонија ги истакнаа своите заложби и гледишта за промоција на медијацијата во матичните земји.

Во Република Македонија денес се потребни 500 евра за започнување на судски спор, па оттука Ве охрабруваме да започнете постапка за медијација чии трошоци изнесуваат една петтина од судските трошоци, истакна м-р Илија Манасиев Манасиев, член на Асоцијацијата за подршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија, лиценциран медијатор, арбитер и помирувач. Во однос на идните насоки за подршка на медијацијата, м-р Манасиев препорача задолжителност на обидот за медијација и кај работните и осигурителните спорови, презентирајќи ги податоците од Fortune 1000 кои говорат за фактот дека најдобрите 1000 компании за 2011 година, споровите ги водат во вонсудска постапка избегнувајќи го судот како последна инстанца. Правејќи паралела кон јавниот и приватниот сектор во Република Македонија, м-р Манасиев потенцираше дека јавниот сектор сеуште скептично гледа на медијацијата за разлика од приватниот сектор.

Трговско-индустриската комора на Бугарија ги поддржува и активно учествува во настаните поврзани со развојот и промоцијата на медијацијата во Бугарија и воедно нуди поддршка на Центарот за спогодба и медијација во Регионалниот суд во Софија, истакнаа  г-ѓа Мирјана Калчева, член на Извршниот совет на Трговско-индустриската комора на Бугарија и г-ѓа Елиза Николова, претседател на Здружението на медијатори во Република Бугарија, но нагласија дека и покрај напорите на Комората на Бугарија да ја промовира медијацијата, случаите на медијациски постапки во Центарот за медијација во рамките на истата сè уште не се доволни за да служат како основа за веродостојни статистики и анализи односно дека трговските субјекти не покажуваат доволно интерес да го користат овој инструмент како средство за решавање на споровите.

Во рамките на Министерството за правда на Турција функционира и Оддел за медијација кој е овластен за контрола законодавството кое се однесува на медијацијата и поддршка на активностите за промоција на медијацијата во спорови кои се соодветни за да бидат решени со помош на медијатор. Одделот за медијација има дозвола да овластува организирање на обуки за медијатори. ТОББ е установа која има дозвола за спроведување на овие обуки.  Медијаторите и обуките за медијација се организирани во Центарот „Etü Sem“ во рамките на Универзитетот за економија и технологија на ТОББ, кој е основан од страна на ТОББ. Со ова овластување, кандидатите за медијатори може да се пријават во Центарот „Etü Sem“  и по обуката тие мора да го полагаат испитот за медијатори кој го подготвува Министерството за правда во соработка со ТОББ, истакна г-ѓа Тугченаз Угурлу Џихангир, правник во Унијата на комори и стокови берзи на Турција (ТОББ).

Во последниот дел од Конференцијата, преставниците на Коморите од земјите членки на ЦЕФТА регионот, ги истакнаа своите ставови околу предизвиците и идните чекори кои ги преземаат истите за да ја истакнат ефикасноста на медијацијата.

Во 2008 година Владата на Република Црна Гора го формираше Центарот за медијација со цел да се спроведуваат професионалните и административните активности поврзани со медијацијата. Седиштето на Центарот е во Подгорица, а има и две канцеларии кои се наоѓаат во Котор и во Бијело Поље. Во моментов, кога станува збор за решавањето на трговските спорови преку медијација, не можеме да кажеме дека медијацијата во стопанските спорови во Црна Гора вродила со плод а како основна причината за недоволната примена е ниското ниво на свесност на граѓаните за медијацијата и за нејзините придобивки, подвлече г-ѓа Лидија Голубовиќ, секретар на oрганите на  Стопанската комора на Црна Гора.

Медијацијата, како институција за алтернативно решавање на споровите, во Република Молдавија за прв пат беше промовирана во 2007 година кога беше донесен и Законот за медијација. Сè до 2014 година медијацијата во Молдавија се соочуваше со пречки поради нецелосната законодавна платформа, напоменаа преставниците од Молдавија, г-дин Лефтер Димитру, директор и г-ѓа Тинка Бодиу, медијатор во Центарот за медијација при Трговско-индустриската комора на Молдавија. Во 2013 година, како одговор на барањето на Министерството за правда на Република Молдавија, Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) обезбеди техничка помош чија намена беше да ја унапреди и да ја олесни употребата на трговската медијација во нашата земја. Центарот за ефективно решавање на спорови (ЦЕДР) беше назначен за технички консултант поради експертизата во областа на алтернативното решавање на споровите и искуството во проектите за граѓанско право во  многу законодавства во светот.

Капацитетите на медијацијата во решавањето на трговските спорови во Србија не се користат доволно. За очекување е дека Проектот „Трговска медијација во Србија“ кој се спроведува со поддршка на Европската банка за реконструкција и развој и Инвестицискиот фонд на Обединетото Кралство ќе придонесе за зголемување на свеста за придобивките од користењето на оваа постапка, како и за подобрување на квалитетот на оваа интервенција, нагласи г-ѓа Дивна Димитријевиќ, лиценциран медијатор и едукатор од Стопанската комора на Србија.

Трговско-индустриската комора на Тирана преку мисијата на Националната комора на медијатори на своите граѓани им ја нуди медијацијата како нова можност за решавање на конфликтите и споровите без да поведуваат судски парници, со многу помали трошоци и за многу пократко време, преку транспарентен процес во чии рамки самите странки се оние кои ја донесуваат одлуката. „Медијацијата оди во полза и на двете страни“.

Законот за постапка за медијација во Босна и Херцеговина  беше усвоен во јуни 2004 година во кој се дефинира методот за медијацијата, принципите и улогата на медијаторот во процесот и роковите. Согласно нацрт- законодавството во БиХ се нуди можноста за медијација надвор од судот, истакна  г-ѓа Љубица Петричевиќ, директор на Правната служба при Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина.

Како сублимат од Регионалната конференција и како прирачник за поголема промоција на медијацијата со апострофирање на позитивни примери од праксата кои се решени по пат на медијацијата, Стопанската комора на Македонија подготви и брошура на македонски и на англиски јазик која се промовираше на самиот настан.

Како заклучоци и препораки од Конференција беа нагласени следните:
          • Да се работи на зголемување на довербата за користење на медијација кај страните, a за таа цел e неопходно продолжување на вакви и други активности за промоција и афирмација на медијацијата како ефикасен и алтернативен начин на решавање на споровите;
          • Скоро во сите Стопански комори од регионот, Европа и пошироко, во склоп на Коморите постојат посебни центри за промоција и поддршка на медијацијата, така треба да се продолжи и понатаму, со цел организирање настани, семинари и други активности преку кои ќе се пружа поголема достапност на сите информации до заинтересираните страни;
          • Бидејќи европските земји, посебно Кралството Холандија и други, со многу висока застапеност ја имаат медијацијата во решавањето на споровите (пр. Холандија е топ 3 земја во Европа со применливост на медијацијата во решавањето на споровите) , потребно е и останатите држави од регионот да ги следат нивните искуства и да ги имплементираат истите во своите активности;
          • Продолжување на соработката со релевантните државни институции, пред се` со Министерствата за правда во државите и усогласување, менување или дополнување на законската или подзаконската регулатива со цел создавање на применливи решенија кои ќе бидат во функција на доследно користење од страните;
          • Искористување на бенефитите од медијацијата, како што се: доверливоста на постапката, исклучување на јавноста од постапката, економичноста и ефикасноста на постапката и секако останување во добри деловни односи со страната во постапката на медијација.

 Стопанската комора на Македонија и во иднина ќе продолжи да биде промотор на медијацијата, партнер на Комората на медијатори, Министерството за правда и другите надлежни органи и институции со цел афирмирање на предностите на овој ефикасен начин на решавање на споровите.

Елизабета А.Ефтимова
Михајло Донев