ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2017 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА (МЕА)

   

АКТУЕЛНО / 06.12.2016
👁 Прочитано: 884


ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2017 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА (МЕА)

Македонската енергетска асоцијација (МЕА), на 6.12.2016 година, го разгледуваше Енергетскиот биланс за 2017 година. На седницата која ја раководеше претседателот на МЕА, д-р Кочо Анѓушев, присуствуваа голем број фирми-членки на МЕА.

Енергетскиот биланс е индикативен плански документ и во истиот се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во државата и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз. Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2017 година е изработен од Министерството за економија, во согласност со Законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика. 

Во 2017 година се предвидува дека потрошувачката на финална енергија ќе изнесува 2087 ktoe, што претставува зголемување за 2,3% во однос на потрошувачката на финална енергија во 2016 година. Во поглед на потрошувачката на енергенти, нафтените продукти остануваат со најголемо учество од 50,4% (1051 ktoe), електричната енергија со 26,9% (561 ktoe), биомасата со 12,1% (253 ktoe) и јаглените со 6% (125 ktoe). Сообраќајот го има приматот на секторот со најголема потрошувачка. Неговата потрошувачка во 2017 година се предвидува да биде 736 ktoe што е 35% од вкупната потрошувачка на финална енергија, а по него следуваат секторот домаќинство со 550 ktoe (26%), секторот индустрија со 514 ktoe (25%), комерцијалниот и услужниот сектор со 197 ktoe (9%), земјоделството со 22 ktoe (1%) и неенергетските потреби со 68,6 ktoe (3%).

Предвидените потреби од енергија за 2017 година се проектирани на 2755 ktoe, што е намалување за 2% во однос на 2016 година. Споредено со 2016 година, најголем пораст се забележува кај природниот гас од 53%, како резултат најмногу на најавите за зголемено производство од „ТЕТО“. Нето увозот на електричната енергија во 2017 година се предвидува да се зголеми за 16% во однос на 2015 година. Во 2017 година се предвидува нафтените деривати да  учествуваат со 40% (1076 ktoe), а јаглените 32% (866 ktoe). Исто така, се предвидува, биомасата да учествува со 9% (253 ktoe), природниот гас со 6% (171 ktoe), хидроенергијата 5% (131 ktoe), а ветерната (10 ktoe), геотермалната (8 ktoe), биогасот (3 ktoe) и соларната енергија (2 ktoe) со нешто над 0% учество. Нето увозот на електрична енергија учествува со 8% (257 ktoe).

Производството на електрична енергија на ниво на генератор во Република Македонија во 2017 година се предвидува да биде 5334 GWh што е за 4% пониско во однос на 2016 година.

За 2017 година се предвидени 209.832 илјади mn3 природен гас, од кои  159.514 илјади mn3 е предвидено да бидат потрошени за производство на електрична и топлинска енергија. За финална потрошувачка се предвидени 49.256 илјади mn3 од кои 41.270 илјади mn3 се за индустријата, 7680 илјади mn3 за комерцијалниот и услужниот сектор, 190 илјади mn3 за сообраќајот и 115 илјади mn3 за домаќинствата.

Се прогнозира намалување на потрошувачката на нафтени продукти во 2017 година за 2% во однос на 2016 година, односно прогнозирано е таа да изнесува 1076 ktое. Вкупно 1291 ktое се очекува да се обезбедат од увоз, од кои 215.7 ktое се наменети за извоз. За енергетски трансформации, во термоелектраните на јаглен  за потпала и поддршка во просецот на согорување, е предвидено да се употребат 26 ktое, додека останатите 1.051 ktое се предвидува да се употребат за финална потрошувачка во секторите.

Вкупно 5238 kt од кои 5013 kt лигнит, 195.0 kt суб-битоминозен јаглен (увозен лигнит со повисока калорична вредност), 25 kt камен јаглен и 6 kt кокс се предвидува да се потрошат во 2017 година. Потрошувачката на јаглен за енергетски трансформации се очекува да биде околу 4960 kt, количество што е наменето за производство на електрична енергија.

Потреби од биомаса се предвидува да бидат 1443 илјади m3 огревно дрво, 39 kt дрвени отпадоци, брикети и пелети и 34 илјади m3 дрво од овошни насади или друг вид растителни отпадоци. Од вкупните количини на биомаса, 1.394 илјади m3 се предвидуваат да се потрошат во секторот домаќинство, 18 илјади m3 во индустријата и 23 илјади m3 во останатите сектори. Од категоријата дрвени отпадоци, брикети и пелети, 30 kt се наменети за домаќинствата, а останатите за индустријата, а од категоријата дрво од овошни насади или друг вид на растителни отпадоци вкупната количина е наменета за домаќинствата.

Во 2017 година, предвидено е производство на топлина од 2.283 ТЈ што е на исто ниво како и потрошувачката во 2016 година. Од овие потреби 2.029 ТЈ се предвидени за домаќинствата, 496 ТЈ за комерцијалниот и услужен сектор, 118 ТЈ за индустријата и 252 ТЈ се загуби.

Перо Авакумовски