ПРОЕКТОТ НА УСАИД ЗА ИНДУСТРИСКИ МЕНАЏМЕНТ ИМ ПОМАГА НА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ КОНКУРЕНТНОСТА ПРЕКУ НАМАЛУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ЕНЕРГИЈА

   

АКТУЕЛНО / 23.11.2016
👁 Прочитано: 919


ПРОЕКТОТ НА УСАИД ЗА ИНДУСТРИСКИ МЕНАЏМЕНТ ИМ ПОМАГА НА МАКЕДОНСКИТЕ  КОМПАНИИ ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ КОНКУРЕНТНОСТА ПРЕКУ НАМАЛУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ЕНЕРГИЈА

На 23 ноември 2016 година, Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија и Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент,  ја организираа 3. Тркалезна маса на тема: „Зголемување на конкурентноста во индустриските компании преку континуирано подобрување на управувањето со потрошувачката на енергија“. Учесниците на настанот – претставници од бизнис заедницата, владини институции, УСАИД и други меѓународни организации, имаа можност да слушнат за позитивните искуства на компаниите вклучени во  Проектот од воведувањето на системите за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија во самите компании, како и за техничката поддршка што ја добиваат од Проектот при идентификација и избор на мерки за подобрување на енергетската ефикасност. На настанот присуствуваше Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата за развој при Мисијата на УСАИД во Македонија, кој ги поддржа придобивките од имплементацијата на системот за управување со енергија во македонските компании.

 

Олгица Кржева, генерален директор на компанијата „ДС Смит“ АД - Скопје, истакна: „Преку ефективното користење на системот за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија успеавме да ги увидиме можностите за заштеда на енергија и што треба да направиме со цел да ги намалиме своите трошоци. Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент ни помогна во разработката на серија на решенија од подобрување на системот за греење, вентилација и климатизација, искористување на отпадната топлина, па се` до реконструкција на котларницата во фабриката. Нашата одлука за инвестирање во овие решенија за подобрување на енергетската ефикасност не само што ќе ја зголеми конкурентноста на компанијата на домашниот пазар, туку со овие мерки придонесуваме и кон одржлив развој и заштита на животната средина“.

Со воведување на систематски пристап во управувањето со потрошувачката на енергија во индустрискиот сектор (базиран на ИСО 50001:2011), Проектот ја подобрува конкурентноста и енергетската сигурност во земјата, ја намалува емисијата на стакленички гасови и ги поддржува инвестициите во чиста енергија. Проектот за индустриски менаџмент им помага на компаниите во подготовка на проекти за енергетска ефикасност прифатливи за финансиските институции, врши обуки на домашни инженерски компании за проектирање, инсталирање и одржување на системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија и организира работилници за индустриските компании на теми поврзани со најдобрите практики за енергетска ефикасност.

Перо Авакумовски