Презентација на европските програми „Хоризонт 2014-2020“ и „Косме 2014-2020“ - ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ЕВРОПСКИТЕ СРЕДСТВА ПРЕДИЗВИК И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ И ОПШТИНИ ОД ВЕЛЕШКИОТ РЕГИОН

   

➤ АКТУЕЛНО (02.09.2016)
👁 Прочитано: 422


Презентација на европските програми „Хоризонт 2014-2020“ и „Косме  2014-2020“ - ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ЕВРОПСКИТЕ СРЕДСТВА ПРЕДИЗВИК И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ И ОПШТИНИ ОД ВЕЛЕШКИОТ РЕГИОН

Со цел поттикнување на иновативноста и конкурентноста на македонските компании за активно аплицирање за искористување на средствата од европските фондови, Регионалната комора со седиште во Велес во соработка со Вардарскиот плански регион одржаа презентација на европските програми „Хоризонт 2014-2020“ и „Косме  2014-2020“ наменета за малите и средните претпријатија од регионот на Велес.

Околу 15-тина претставници на македонските компании претежно од прехранбената, градежната, металната индустрија, како и претставници од Општина Велес, Чашка, Демир Капија, Градско и Лозово беа информирани за аплицирање на европските фондови „Хоризонт 2014-2020“ и „Косме 2014-2020“, на 2.9.2016 година.

Со оглед на моменталната состојба и слабата искористеност на европските пари од страна на приватниот сектор, на обуката учесниците беа подетално запознаени со постојните програми и можности за аплицирање на компаниите во рамките на ЕУ-програмите „Хоризонт 2014-2020“ и „Косме 2014-2020“, наменети за малите и средните компании во наредните 7 години од страна на Ирена Мојсовска, проектен координатор и самостоен советник во Стопанската комора на Македонија. МСП-инструментот, кој има три фази на аплицирање и тоа за истражување, производство и комeрцијализација, е огромна можност за компаниите сами да аплицираат во сите три фази, независно од редоследот на фазите.

Исто така, компаниите беа детално запознаени и со европските процедури и финансиски инструменти и за можностите за финансирање на проекти и од други меѓународни извори во Република Македонија.

- Постои одлична можност за интензивирање на соработката преку подготовка на конкретни повици, вклучувајќи ги сите сектори во рамките на ЕУ-програмите и со оваа форма на поддршка на учесниците од малите и средни компании како и општините ќе им се овозможи поефикасно да ја разберат и да ја планираат реализацијата на одобрениот проект, ефективно да го координираат тимот за имплементација и да обезбедуваат извештаи за проектот согласно барањата на донаторот, - им посочи на компаниите Ирена Мојсовска.

Присутните беа запознаени и со начинот на регистрирање на компаниите во системот според упатствата на Европската комисија и потребната документација за регистрирање, што и` е потребна на компанијата доколку истата одлучи да аплицира на конкретен повик.

Акцент се даде на наоѓањето соодветни партнери за аплицирање и од други европски земји, бидејќи потребата за барање партнерство и формирање на конзорциум е едно од клучните алатки за аплицирање на конкретни повици. - Поради потребата на проектите чиј пристап е олеснет преку Европската мрежа на бизнис можности – ЕЕН, тоа ќе придонесе за поголема соработка со европските земји, размена на искуства и информации за новостите и иновативните практики, кои ќе овозможат поголема конкурентност на македонските компании на европскиот пазар, - истакна Ирена Мојсовска, проектен координатор и советник во Стопанската комора на Македонија.

Во следниот период се планира интензивна соработка со комапнии кои што имаат дефинирана иновативна идеја да се поттикнат да аплицираат на европските повици во наредниот период.

Ирена Жарова