Над 10.000 семејства во Република Македонија живеат од тргувањето на отворено - ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ СИЛЕН ПОТТИК ЗА ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

   

АКТУЕЛНО / 18.04.2016
👁 Прочитано: 952


Над 10.000 семејства  во Република Македонија живеат од тргувањето на отворено - ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ СИЛЕН  ПОТТИК ЗА ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

Групацијата на пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, ги здружува пазарите кои функционираат на локално ниво како самостојни комунални претпријатија или се дел од комуналните фирми кои обединуваат повеќе дејности, водовод, отпад, пазари и сл.   

 


Една од целите на оваа Групација е преку осовременување и модернизација на пазарите да останат атрактивни за купувачите наспроти појавата на големите хипер маркети кои во еден дел стануваат конкуренција на зелените пазари. Согласно процените и споредбените анализи кои се прават од страна на компаниите во изминатите години, од 10 до 20% се чувствува пад на продажбата на зелените пазари по појавата на продажба на зеленчук и овошје во големите супер маркети. Сепак, ова не е проблем и тренд само во Македонија. Искуството е исто во целиот регион. За таа цел, а во насока на задржување на атрактивноста на пазарите како удобно место за пазарење, согласно традицијата, но пред се` и поради значајниот економски ефект на државно ниво, организаторите на пазари се` поактивно се организираат и разменуваат искуства пред се` со земјите од регионот, поради близината, но и сличноста на менталитетот. Размената на идеи и искуства оди во две насоки:
 - модернизација на пазарите преку инвестиции во изгледот и условите за пазарење и 
 - воведување нови содржини на пазарите со цел задржување на купувачите на пазарите. 


Во тие рамки се и активностите на Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија, која преку организирање посети на пазарите во регионот, учество на регионални и меѓународни конференции со цел размена на искуство и воведување новини на пазарите кои функционираат на локално ниво, ги следи светските текови во дејноста.   


Ова беше истакнато на редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија на тема „Инвестиции во зелените пазари како услов за локален економски развој“ (18.4.2016 година).


Последната конференција на која учествуваа организаторите на пазари од седум градови во Македонија, преку Групацијата на пазари беше Меѓународната конференција што се одржа во Суботица, од 6 до 8 април оваа година, каде покрај учесници од пазарите во Србија како домаќини, беа присутни и претставници на пазарите од Република Српска, Босна и Херцеговина и Република Унгарија. На Конференцијата се разговараше на две теми:

• Приспособување на пазарната дејност на пазарните предизвици на XXI век и
• Модели на формирање на цената, издавање тезги под закуп и наплата на пазарните услуги.

Во рамките на трибината беа презентирани различните начини на организациска поставеност на пазарите, предизвиците со кои се соочуваат, влијанието на големите хипер маркети на дејноста. Беа презентирани и моделите на организација и техничка поставеност на пазарите на големо во Унгарија. Заклучокот на Конференцијата беше дека е нужна  модернизација на пазарите и следење на новите трендови на купувањето согласно желбите на потрошувачите, но и динамичниот начин на живеење, имајќи го предвид фактот дека пазарите се` уште имаат големо значење во вкупната економска активност на секоја од земјите од регионот, од повеќе аспекти:
- од  аспект на вработување (директно кај организаторите на пазари, но и индиректно преку регулирање на статусот на закупците на тезги); 
- од аспект на плаќање даноци од страна на организаторите на пазари по основ на вршење трговија со закуп на тезги и деловни простори со кои располагаат и сл.;
- од аспект на плаќање данок на закупците на тези и трговците на пазарите;
- прометот што се реализира на пазарите кој во обем и не е така мал.


За информација, согласно податоците од пазарите, во Македонија постојат околу 15.000 до 20.000 закупци на тезги, што значи дека над 10.000 семејства живеат од тргувањето на зелените пазари. Повеќе статистички, како и економски податоци за влијанието на пазарите врз вкупната економска активност во овој момент е тешко да се добијат, пред се` поради фактот што за оваа дејност се` уште нема изработено стратегија преку која ќе се потврди нивната важност пред се` за локалниот економски развој.

На Конференцијата во Суботица беше договорено како следна активност да биде потпишување меморандум за соработка, со можност за формирање регионална асоцијација на пазарите, во насока на зголемување и подобрување на меѓусебната соработка, користење на искуството од останатите земји и следење на светските текови. Се иницираше конференција со регионален, па и меѓународен карактер да биде организирана и во Македонија до крајот на годината. 


Инаку, беше организирана и посета на пазарите во Ниш и во Нови Сад. Активноста на Групацијата за посета на конкретни пазари е пред се` иницирана од потребите на организаторите на пазари во Македонија да разменат идеи и да ги споделат различните искуства од организациски аспект за тоа како пазарите да останат атрактивно место за купувачите. Во последните години реализирани се посети и на пазарите во Белград, Суботица, Вараждин, Загреб, Љубљана, како мотив за добивање идеи во насока на воведување нови содржини на нашите пазари, како и модернизација на истите.


     Посетите на пазарите, поврзани со политиката на локално ниво да се инвестира во пазарите со цел да се задржи нивната атрактивност имајќи го предвид економското значење, веќе даваат резултати.
 
За таа цел, информација од активностите на Групацијата на пазари ќе биде доставена и до Министерството за економија во насока на потврдување на важноста на дејноста и нејзиниот вкупен економски ефект на домашната економија и на локалниот економски развој.

Имено, во многу градови низ Македонија вклучително и Скопје, во фаза е реконструкција, обнова на пазарите, па дури и изградба на класично нови пазари. При тоа, во голема мера се користи и искуството од веќе модернизираните пазари во земјите од регионот, преку изградба на нова инфраструктура, нови комунални решенија во делот на собирање и рециклирање на отпадот, одржување на хигиената на пазарите, набавка и изработка на нови посовремени и помодерни тезги, начин на покривање на пазарите (особено онаму каде што нема услови за изградба на класично нови пазари). Ова не е проблем само во Македонија, тоа е искуство и од земјите во регионот.

За таа цел, на прес-конференција што се одржа во Комората (18.4.2016 година), присуствуваа директорите и раководителите на пазарите во Битола, Штип и Скопје, кои секој од свој аспект информираа за значењето на зелените пазари на локално ниво и за инвестициските зафати кои се прават. 
 
Крајната цел на денешната прес-конференција е да се потенцираат   улогата и важноста на зелените пазари во вкупната економска активност, пред се` на локално ниво, потребата од нивна модернизација согласно интересите и желбите на купувачите и при тоа важноста од искуството што се добива при учество на регионални, меѓународни собири, како и посета на пазарите со цел размена на искуство за начинот на функционирање, организациската поставеност, законските прописи и, на крајот, формирање регионална асоцијација преку која континуирано ќе се следат искуствата во регионот, па и пошироко во светски рамки. Секако, битно е да се изработи и стратегија на пазарите, по теркот на веќе изработени вакви документи во Србија и Хрватска, согласно кои во периодот што следи ќе може да се иницираат и други активности со кои ќе се потенцира значењето и ќе се потврдува важноста на функционирањето на пазарите, како и нивниот позитивен ефект во домашната економија.


Даниела Михајловска Василевска