Д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје, учествуваше на Научната конференција „SEECURE 2016“ по повод Месецот на НАТО - ЕВРО-АТЛАНТСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА ЗЕМЈАВА - ЛЕК ЗА ПРОБЛЕМИТЕ ВО СТОПАНСТВОТО

   

АКТУЕЛНО / 15.04.2016
👁 Прочитано: 1149


Д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје, учествуваше на Научната  конференција  „SEECURE 2016“ по повод Месецот на НАТО - ЕВРО-АТЛАНТСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА ЗЕМЈАВА - ЛЕК ЗА ПРОБЛЕМИТЕ ВО СТОПАНСТВОТО

На само неколку месеци пред Самитот на НАТО, што ќе се одржи во Варшава, светот се соочува со голем број безбедносни проблеми. Сајбер и енергетската сигурност, тероризмот, хибридните војни, масовните миграции и другите невоени фактори за нарушување на стабилноста ја доведуваат во прашање безбедноста.

Соочени со овие предизвици, а воедно и по повод Месецот на НАТО кој традиционално секоја година се прославува од страна на Евро-атлантскиот совет на Македонија, заедно со Министерството за одбрана на Република Македонија, на 14.4.2016 година, беше организирана Научна конференција на тема: „SEECURE 2016“.

 

Една од панел-дискусиите на Конференцијата беше и „Значењето на евро-атлантските интерграции врз економиите во Југоисточна Европа“, на која говореше и д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје при Стопанската комора на Македонија.

Панелот го водеше Трифун Костовски, кој напомена дека НАТО бара силни економии и силни држави во кои владее правото и кои се спремни да одговорат на предизвиците на модерното време. Воедно, сите говорници се согласија дека статистичките податоци покажуваат дека со приклучувањето на државите кон НАТО Алијансата значително пораснал и бројот на директни странски инвестиции во истите, цел кон која треба да се стреми и Република Македонија.

Д-р Рафајловски истакна дека во пресрет на сите настани кои се случија во последниот период во Република Македонија треба да се запомни дека бизнис-заедницата секогаш ќе постои и ќе ги преживее сите предизвици. Тој напомена дека денес повеќе од кога и да било, мора да се биде упорен и истраен кога се во прашање евро-атлантските интеграции на Македонија, потсетувајќи дека секогаш упорноста се исплатува.

Како најдобро решение за иднината на бизнис-заедницата д-р Рафајлоски предложи дека треба во соработка со Македонската академија за науките и уметностите да се изготви стратегија за развој на стопантвото. Истата би опфаќала програма за наредните 5, 10 и 15 години, и воедно би била направена независно од сите владини мерки, програми и стратегии. Воедно, тој ги замоли и припадниците на бизнис-заедницата дека најдобро нешто што во моментот можат да направат е да ја игнорираат моменталната политичка состојба во државата и да се насочат кон развој на стопанството, бидејќи истото е движечка сила на секоја држава. 

Д-р Рафајловски испрати апел до НАТО Алијансата дека можеби е време да ни излезат во пресрет и да ни помогнат со нашата интеграција, иако веќе не ги исполнуваме условите на она ниво на кое што бевме на претходните два самита, бидејќи тоа е најдобриот потег за стабилна иднина на Република Македонија.

Марија Дукоска