На 7.4.2016 година, се одржа 23-та седница на Регионалната комора со седиште во Скопје која ја водеше претседателот на Регионалната д-р Горан Рафајловски.

На седницата од страна на претседателот д-р Горан Рафајловски присутните беа информирани за средбата меѓу претставниците на Регионалната комора со седиште во Скопје и Здружението на стопанственици БАГ во Солун, Р. Грција. На оваа средба беше потпишана Договор за соработка. Договорот беше потпишан од страна на претседателите на двете комори, д-р Горан Рафајловски и г-дин Јоанис Мандринос со кој Договор за соработка се отвора простор за соработка на бизнис-заедниците од двете земји и поголемо учество на македонски производи на грчкиот пазар. Истовремено беше истакнато кои македонски производи најбрзо и најлесно би можеле да бидат пласирани на пазарот во Грција, бидејќи нивниот пазар има недостаток од такви производи.
Покрај другото, на седницата се дискутираше за законската регулатива со измените и дополнувањата и нејзиното влијание врз бизнис-заедницата.

Во изминатите години, како што истакна д-р Горан Рафајловски, бизнис-заедницата нудеше и бараше измени и дополнувања во законската и подзаконската регулатива, но не секоја од иницијативите беа прифатени и имплементирани, затоа потребно е да се изврши сублимирање на сите неприфатени предлози кои се` уште се актуелни и да биде побарано од носителите на власта да се актуелизираат и инкорпорираат во законската регулатива.
Анализирајќи ги постојните состојби во стопанството и бизнис-заедницата д-р Горан Рафајловски истакна дека насушна потреба на стопанството е постоење на долгорочна програма за развој и предложи да биде изработена таква програма. Во изработката на програмата би требало да бидат вклучени сите комори како преку свои претставници од бизнис-заедницата, а како партнер треба да биде МАНУ. Со изработката на ваквата програма би се определиле насоките и целите на подолг период, а со нејзино реализирање би се постигнал стабилен економски развој.
Ванчо Спасески