Средба меѓу претставниците на Регионалната комора со седиште во Скопје и Здружението на стопанственици на Грција - БАГ во Солун, Република Грција - ПОТПИШАНИОТ ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ГИ ЗБЛИЖУВА ДВЕТЕ БИЗНИС-ЗАЕДНИЦИ
➢ Актуелно (05.04.2016)
👁 Прочитано: 2694




Средба меѓу претставниците на  Регионалната  комора со седиште во Скопје и Здружението на стопанственици на Грција - БАГ во Солун, Република Грција - ПОТПИШАНИОТ ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ГИ ЗБЛИЖУВА ДВЕТЕ БИЗНИС-ЗАЕДНИЦИКликни за повеќе

Со цел продлабочување на соработката помеѓу бизнис-заедниците на Република Македонија и Република Грција, на 4 април 2016 година во Солун беше потпишан Договор за соработка помеѓу Регионалната комора со седиште во Скопје во рамките на Стопанската комора на Македонија и Здружението на стопанственици на Грција со седиште во Солун. Договорите беа потпишани од страна на претседателите на двете комори, д-р Горан Рафајловски и г-дин Јоанис Мандринос.

 

Претседателот на Здружението на стопанственици на Грција (БАГ),  Јаонаис Мандринос потенцираше дека за Грција и Македонија многу е важно да се работи на создавање позитивна клима помеѓу двете земји, зближување и поттикнување на поблиска и подлабока економска соработка. Потребно е, според неговите зборови, да се подобри взаемната размена на деловните и трговските информации,  како би се создала поголема доверба помеѓу компаниите од двете земји.

Д-р Рафајловски истакна дека со потпишувањето на овој Договор за соработка ќе се остварат многу прашања што заеднички детално ќе се разгледуваат и решаваат, при што воедно ќе се создаде и  широко поле за соработка во сите сфери. Првиот чекор е многу тежок,  но е многу важен,  особено бидејќи  се започнува со спојување на бизнисите коишто  се и главните двигатели на економиите на двете земји. Потребно е да се оформи позитивно мислење  помеѓу бизнисмените за да можат да се иницираат и други промени што позитивно би влијаеле и на двете страни.

Потпишувањето на овој договор го поддржа и генералниот конзул на Р. Македонија во Солун, г-ѓа Маја Апостолова Балабурски,  при што, таа истакна дека ваквиот вид на соработка ќе ги поттикне не само бизнис-релациите на двете земји, туку ќе овозможи и да се создадат услови за  потпишување идни економски спогодби меѓу двете земји.

За наредниот период и двете комори планираат преземање на низа заеднички активности  коишто ќе придонесат за зацврстување на взаемните трговски и економски врски  и зајакнување на конкурентноста на странските пазари на компаниите нивни  членки.

Инаку, вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Грција во 2015 година достигна вредност од 664,9 милиони САД$, што претставува пад од  25,62 % во однос на истиот период од 2014 година.

При тоа, остварен е извоз во вредност од 165,7 милиони САД $ или намалување од 26,90%, додека увозното салдо изнесува 499,2 милиони САД $ или намалување од 25,18 % споредено со истиот период од 2014 година.

Република Македонија со Република Грција за 2015 година лани  бележи  трговски дефицит од 333,5 милиони САД $.

Република Грција е четврти трговски партнер на Република Македонија за  2015 година.

                                                                                Сања  Николова