Деловни средби помеѓу македонски и шпански компании во Стопанската комора на Македонија - ЕКОНОМСКАТА РАЗМЕНА ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА РАСТЕ, НО ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ СЕ ЗНАЧИТЕЛНО ПОГОЛЕМИ

   

АКТУЕЛНО / 17.03.2016
👁 Прочитано: 1730


Деловни средби помеѓу македонски и шпански компании во Стопанската комора на Македонија - ЕКОНОМСКАТА РАЗМЕНА ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА РАСТЕ, НО ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ СЕ ЗНАЧИТЕЛНО ПОГОЛЕМИ

На 17 март 2016 година во Стопанската комора на Македонија се одржаа билатерални средби помеѓу македонски и шпански компании. На средбите беа присутни шпански компaнии од областа на фармацевтскатa,  електрометалната  и агроиндустријата,  градежништвото, како и 16 македонски компании од овие сектори.

Директорката на Дирекцијата на регионални комори и меѓународна соработка,  м-р Снежана Камиловска-Трповска го отвори настанот и им се заблагодари на сите присутни за искажаниот интерес, при што наведе дека  средбите во Стопанската комора на Македонија се исклучително значајни за развојот на економската соработка меѓу двете земи и во рамките на тоа и за  самите бизнисмени во правец на воспоставување поцврста идна деловна соработка.

 

- Особена чест ни претставува што сме домаќини на настан којшто по 10 години повторно се иницира во соработка со Амбасадата на Шпанија во Република Бугарија, се` со цел  да се изнајдат нови начини за  продлабочување на трговската соработка помеѓу двете земји, за која проценуваме дека има далеку поголеми потенцијали од  досегашните,  - додаде Камиловска.

Таа посочи дека во моментов Шпанија е 16-ти трговски партнер на Р. Македонија, што е  значително повисоко во споредба со минатата година кога била 19-ти трговски партнер во надворешно-трговската соработка на Република Македонија.

Фернандо Лопез де Кастро Гаридо, заменик- амбасадор на Шпанија во Р. Македонија ја поздрави иницијативата за средбите  и напомена дека ваков вид на настани треба да се одржуваат редовно, со цел што поголемо запознавање на компаниите, создавање  нови контакти и изнаоѓање нови форми на соработка.

- Во последните години, особено од 2008 година наваму, во вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Шпанија се бележи позитивен напредок, што укажува на фактот дека има простор за ширење на деловните врски меѓу компаниите од овие земји, - истакна Мариа Перез Моро, економски советник при Амбасадата на Шпанија во Република Македонија.

Д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје, додаде  дека Македонија, покрај тоа што е отворена за трговска и соработка  во  областа на  услугите,  исто така, посебно е заинтересирана за директни инвестиции од компании од Шпанија во индустриските зони во Република Македонија,  за што  им се нудат одлични  услови. На тој начин е можно значително поголемо поврзување на шпанскиот бизнис-сектор со македонскиот пазар.

- Стопанската комора на Македонија им стои на располагање на компаниите, а и натаму ќе биде логистичка поддршка за што поголем развој на меѓусебната соработка меѓу бизнис-секторите од двете земји, - додаде д-р Рафајловски.

По завршувањето на официјалниот дел на средбата, деловните луѓе од двете земји имаа и билатерални средби на кои имаа можности да разговараат за воспоставување идни бизнис-релации.  

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Шпанија во 2015 година достигна вредност од 177,3 милиони САД$, што претставува раст од 14,36% во однос на 2014 година.

При тоа, остварен е извоз во вредност од над 100 милиони САД$ или зголемување од 44,67%, додека увозното салдо изнесува 76,53 милиони САД$ или пад од 10,37% споредбено со 2014 година.

Евидентиран е позитивен биланс на страна на Република Македонија во трговската размена од  24,28 милиони САД$.

Сања Николова