Регионалната комора со седиште во Скопје расправаше за активностите во 2016 година - ЗАЛОЖБИ ЗА ДУАЛЕН СИСТЕМ ВО СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

   

АКТУЕЛНО / 21.01.2016
👁 Прочитано: 1112


Регионалната  комора со седиште во Скопје расправаше за активностите во 2016 година - ЗАЛОЖБИ ЗА ДУАЛЕН  СИСТЕМ ВО СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

     На 21.01.2016 година, се одржа 22. седница на Регионалната комора со седиште во Скопје која ја водеше д-р Горан Рафајловски, претседател на оваа  Регионална комора. На седницата се дискутираше за Извештајот за работењето во минатата година, Предлог-програмата за работа во оваа година, како и за дуалниот систем во средното стручно образование.

     

Од страна на м-р Снежана Камиловска Трповска, директор на Дирекцијата на регионални комори, беа презентирани спроведените активности на Регионалната комора во 2015 година кои беа насочени кон унапредување на работењето, разгледување прашања и иницирање предлози во интерес на своите членки и целото стопанство од регионот. Притоа се заклучи дека активностите од делокругот на надлежностите на Регионалната комора со седиште во Скопје беа насочени кон идентификување на тековните проблеми на стопанството и нудење предлози и покренување иницијативи за нивно надминување, како и решавање на истите, со што би се обезбедила поповолна клима за работење на стопанските субјекти.

Во однос на планираните активности за тековната година, д-р Рафајловски посочи дека Регионалната комора со седиште во Скопје ќе се залага за давање поддршка на стопанските субјекти, активно и стимулативно да влијае на одржливиот развој и раст на економијата, да поттикнува јакнење на капацитетите на човечките ресурси и со сето тоа да влијае на зголемување на животниот стандард.

        

       Д-р Рафајловски посочи дека образованието ќе игра значајна улога во 2016 година и ќе се стремиме кон втемелување на дуалниот принцип на образование во средното стручно образование. Преку оваа алатка, во наредниот период ќе се продолжи со активностите за давање релевантни можности, концепти, идеи, опции и аргументи коишто би ја поддржале рационалната дискусија за изводливоста и модалитетите на реформите на актуелниот систем на средното стручно образование во Македонија, а сето тоа да биде во согласност со потребите на бизнис-заедницата.
Исто така, наредниот период ќе се продолжи и со активно вмрежување со регионалните градски комори со цел поголема соработка и деловно поврзување.

       Вовед во расправата за дуалниот систем во средното стручно образование  даде м-р Борис Тримчев, стручен соработник во Стопанската комора на Македонија, при што истакна дека обезбедувањето на квалификувана работна сила за потребите на стопанството е еден од клучните предизвици во Македонија. Системот на средно стручно образование има значајна улога во економскиот развој и просперитет. Средното стручно образование не е само функционална мерка за промовирање на економските цели, туку има и потенцијал да го подобри преминот од училиште во работниот свет и да им понуди на младите перспектива за планирање на кариерата, а со самото тоа и за пронаоѓање на сопствената улога во општеството. 
         

      За секоја од компонентите на модерниот дуален систем на средно стручно образование ќе се испита дали постои определен расчекор помеѓу идеалното уредување и постојната состојба на системот на ССО, со цел да се идентификуваат можностите за преземање мерки за да се предложат конкретни активности, препораки и предлози за начинот на спроведување на реформите. За реализација на наведените активности, Комората, согласно потребите и можностите, ќе вклучи и домашна и странска експертска помош, а ќе ги земе предвид и досегашните искуства од реализација на слични програми во земјите од окружувањето.


                                                                                                       В. Спасески