Македонската транспортна асоцијација расправаше за програмските и проектни активности на Македонски железници транспорт во 2016 година - ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ЗА ЗГОЛЕМЕН ПРЕВОЗ СО ЖЕЛЕЗНИЦАТА
➢ Актуелно (10.12.2015)
👁 Прочитано: 1401



Македонската транспортна асоцијација  расправаше  за програмските и проектни активности на Македонски железници транспорт во 2016 година -  ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ  ЗА  ЗГОЛЕМЕН ПРЕВОЗ СО ЖЕЛЕЗНИЦАТА

Тргнувајќи од важноста и значењето на железничкиот сообраќај во земјата, пред членките на Македонската транспортна асоцијација – МТА при Стопанската комора на Македонија, на седница одржана на 10.12.2015 година, беа презентирани реализираните активности на Македонски железници транспорт АД – Скопје во тековната 2015 година, како и активностите и проектите планирани за 2016 година. 

 

Во насока на зголемување на возниот парк и обезбеденост со товарни вагони и модернизација од аспект на потребите на македонското стопанство, како дефиниран приоритет на МЖ Транспорт АД - Скопје во 2015 година спроведена е планираната обнова на капацитетите, преку набавката на 150 товарни вагони  (75 Еас отворени вагони и 75 Сгс специјални плато вагони), со кои се задоволуваат делумно потребите на клиентите од транспортни капацитети на домашниот пазар за потребите на стопанството. Воедно, дефинирана е стратегија за оптимизација на постојните железнички капацитети и направена е адаптација и ревизија на дел од нив. Дел од новите Сгс специјални плато вагони се вклучени во транзитниот сообраќај за потребите на комитентот „КОСКО“, за подобрување на постојните транспортни капацитети од серија Е со дрвен под вградени се санки, за превоз на котури и во тек е ревизија на вагони од серијата Х (специјални затворени вагони) за превоз на шеќер, вештачко ѓубриво, - истакна г-ѓа Светлана Крстевска, директор за маркетинг и продажба во Македонски железници транспорт АД - Скопје. Во моментов, МЖ Транспорт располага со 1.315 товарни вагони во инвентарскиот возен парк од различен тип, при што предничат отворените вагони (441), четвороосовински плато вагони (282), специјални затворени вагони со садови за течности - цистерни (176) и специјални отворени вагони (159).

Од начинот на планирање на капацитетите во  итермодалниот железнички транспорт во 2015 година во однос на 2014 година, компаративно е претставена позитивната искористеност на специјалите плато вагони за превоз на контејнери.  Во 2015 година во однос на 2014 година контејнерскиот превоз во транзит е зголемен за 12,1 %.

Следејќи ја побарувачката на клиентите, структурата на видовите на стока, стопанско-економските трендови, начинот на реализација на сообраќајот, инволвираноста на информатички технологии, МЖ Транспорт АД - Скопје, во текот на оваа година спроведе промоција на терминалот во станицата Скопје  „Товарна“, активно го следеше движењето на возовите на територијата на МЖ и со набавка и инсталација на опрема за глобален систем за мобилна комуникација во железницата и опрема за Европски систем за контрола на возовите се подобри комуникацијата со корисниците на железнички превози, производителите и шпедитерите.

МЖ Транспорт во соработка со ЈП МЖ Инфраструктура го следат зголемувањето на степенот на расположливоста на железничката инфраструктура, со реконструкција и обнова на железнички пруги, зголемување на комерцијалната брзина, обнова, изградба, одржување и модернизација на индустриски колосеци, се` со цел задоволување на потребите на клиентите за превоз „од врата до врата“ во правец на зголемување на железничкиот превоз и неговата подобра конкурентност во однос на патните транспортери.

Со континуираните контакти со раководството на грчки железници за корекција на нивната ценовна политика, воспоставена е соработка и договор за намалување на трошоците за времето на задржување на вагоните на Солунското пристаниште од 20 дена.

Во насока на зголемување на обемот на превоз со железница, општа е оценката дека треба дополнително да се работи на обезбедување на нови локомотиви, да се изврши набавка на нова вага за мерење на вагоните и старата да се стави надвор од употреба, како и да профункционира системот tracking & tracing.

Во текот на 2016 година, согласно барањата на клиентите за исполнување на нивните потреби, се очекува набавка на 2-3 нови локомотиви за што се обезбедени средства, а се преговара и за делумна репарација на 3 стари локомотиви, информираше Никола Костов, директор на МЖ Транспорт АД - Скопје.

И во текот на наредната година, најголемиот дел од работењето на компанијата ќе биде насочено кон унапредување на соработката со постојани клиенти и превози и придобивање на нови корисници преку: зголемување на продуктивноста, изработка на конкурентна понуда на транспортни услуги; зголемување на квалитетот и брзината на превоз со користење на скратени царински постапки, намалување на времетраењето на останати административни формалности при увоз, извоз и транзит; во делот на мултимодален транспорт: примена на современи транспортни средства и товарни единици (палети, контејнери, приколки, полуприколки, плато - железнички вагони); подобрување на организацијата на прием и отпрема, товарање, истоварување, претоварување на стоката, како и употреба на информативните системи за намалување на времетраењето на обртот на вагони, како и намалување на РИВ-наемнината за странски вагони.

Билјана Пеева-Ѓуриќ