Македонската енергетска асоцијација расправаше за Предлог-енергетскиот биланс за 2016 година - ФОРСИРАЊЕ НА ПРИРОДНИОТ ГАС, ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ПОТРОШУВАЧКАТА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

   

АКТУЕЛНО / 10.12.2015
👁 Прочитано: 954


Македонската енергетска асоцијација расправаше за Предлог-енергетскиот биланс за 2016 година - ФОРСИРАЊЕ НА ПРИРОДНИОТ ГАС, ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ПОТРОШУВАЧКАТА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија, на 10.12.2015 година, одржа седница на којашто се разгледуваше Предлог-енергетскиот биланс за 2016 година.

Енергетскиот биланс е изработен во согласност со Законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика.

 

Енергетскиот биланс е индикативен плански документ и во истиот се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија, како и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз.

За секој вид енергија е подготвен биланс за задоволување на предвидената потрошувачка. Врз основа на податоците од одделните биланси е пресметана финалната потрошувачка, како и потребите од примарна енергија за обезбедување на финалната потрошувачка.

Во 2016 година се предвидува дека потрошувачката на финална енергија ќе изнесува 1784 килотони нафтен еквивалент (ktoe), што претставува зголемување за 8%, односно 4% во однос на потрошувачката на финална енергија во 2014 и 2015 година, соодветно. Во поглед на потрошувачката на енергенти, нафтените продукти остануваат со најголемо учество од 50% (963ktoe), електричната енергија со 31% (594 ktoe), биомасата со 9,2% (178 ktoe) и јаглените со 5,3% (103 ktoe). Почнувајќи од 2014 година сообраќајот е секторот кој го презема приматот на сектор со најголема потрошувачка. Неговата потрошувачка во 2016 година се предвидува да биде 611ktoe што е 32% од вкупната потрошувачка на финална енергија, а по него следуваат секторот индустрија со 568 ktoe (29%), секторот домаќинство со 487 ktoe (25%), комерцијалниот и услужниот сектор со 184 ktoe (10%), земјоделството со 22 ktoe (1%) и неенергетски потреби со 56 ktoe (3%).

Предвидените потреби од енергија за 2016 година изнесуваат 2719 ktoe што е зголемување за 3,5% во однос на 2014 година, а се на исто ниво како и потребите од енергија во 2015 година. Споредено со 2015 година, најголем пораст се забележува кај природниот гас од 43%, како резултат најмногу на најавите за зголемено производство од „ТЕ-ТО“. Нето-увозот на електричната енергија во 2016 година се предвидува да се зголеми за 31% (2990 GWh) во однос на 2015 година, a само 1% во однос на 2014 година. Ова зголемување од 31% се должи на тоа што во 2015 година увозот е намален во однос на 2014 како резултат на зголеменото производство на електрична енергија од хидроелектраните. Од друга страна, во 2016 година се предвидува дека производството од хидроелектрани ќе биде на ниво како и во 2014 година, што значи враќање на нивото на увоз во 2016 година на нивото на 2014 година. Во 2016 година се предвидува нафтените деривати да го изедначат своето учество (38%, 992 ktoe) со јаглените (38%, 990 ktoe), кои до 2016 година имаа
доминантна улога. Исто така, се предвидува, биомасата да учествува со 7% (178 ktoe), природниот гас со 6% (163 ktoe), хидроенергијата со 4% (115 ktoe) и геотермалната (9 ktoe), ветерната (9 ktoe), соларната енергија (2 ktoe) и биогасот (3,4 ktoe) со нешто над 0% учество. Нето-увозот на електрична енергија учествува со 10% (257 ktoe).

Производството на електрична енергија во 2016 година се предвидува да изнесува 5443 GWh што е за 1% повисоко во однос на 2014 година и за 7% пониско во однос на 2015 година. Намалувањето во 2016 година во однос на 2015 година се должи на предвидувањето дека во 2016 година хидроелектраните ќе произведат помало количество на електрична енергија споредено со 2015 година.

За 2016 година предвидени се 199.724.000 mn3 природен гас, од кои 158.126.000 mn3 се предвидени да се потрошат за производство на електрична и топлинска енергија. За финална потрошувачка предвидени се 40.971.000 mn3 од кои 34.316.000 mn3 се за индустрија, 6.324.000 mn3 за комерцијалниот и услужниот сектор, 190.000 mn3 за сообраќајот и 140.000 mn3 за домаќинствата.

Зголемување на потрошувачката на нафтени продукти во 2016 година се предвидува за 3%, односно предвидено е таа да изнесува 1002 kt. Вкупно 1.134 kt се очекува да се обезбедат од увоз, од кои 140 kt се наменети за извоз. За енергетски трансформации, во термоелектраните на јаглен за потпалување и поддршка во просецот на согорување предвидено е да се потрошат 30,5 kt, додека останатите 971 kt се предвидува да се употребат како финална потрошувачка во секторите.

Во 2016 година предвидено е да се потрошат вкупно 6.132 kt на јаглени, од кои 5.984 kt лигнит, 140 kt суб-битоминозен јаглен (увозен лигнит со повисока калорична вредност), 6 kt камен јаглен и 2,1 kt кокс. Потрошувачката на јаглен за енергетски трансформации се предвидува да изнесува околу 5.877 kt што е намалување за 15% во однос на 2015 година. Овде треба да се нагласи дека ова количество е само за производство на електрична енергија.

Вкупните потреби од биомаса во 2016 година предвидено е да изнесуваат 664 илјади m3 како огревно дрво и 24 kt дрвени отпадоци, брикети и пелети. Од вкупните количини на биомаса 592 илјади m3 се предвидуваат да се потрошат во секторот домаќинство, 31 илјада m3 во индустријата и 27 илјади m3 во останатите сектори, додека 17 kt дрвени отпадоци, брикети и пелети се наменети за домаќинствата, а останатите за индустријата.

Производството на топлина во 2016 година предвидено е да изнесува 2012 ТЈ што е зголемување за 4% во однос на 2015 година. Од овие потреби 1396 ТЈ предвидени се за домаќинствата, 488 ТЈ за комерцијалниот и услужниот сектор и 128 ТЈ за индустријата.


Перо Авакумовски