Работилница на Регионалната комора со седиште во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност - БИЗНИС-СЕКТОРОТ ИНФОРМИРАН ЗА ПРОГРАМАТА „ЕРАЗМУС +“

   

АКТУЕЛНО / 06.11.2015
👁 Прочитано: 1100


Работилница на Регионалната комора со седиште во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност - БИЗНИС-СЕКТОРОТ ИНФОРМИРАН ЗА ПРОГРАМАТА „ЕРАЗМУС +“

На 6 ноември 2015 година во Стопанската комора на Македонија се одржа средба со бизнис-заедницата организирана од страна на  Регионалната комора со седиште во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Kомпаниите од Скопје и од регионот можеа да се информираат за програмите на ЕУ, особено за Програмата „Еразмус +“.

Директорот на Агенцијата Дарко Димитров истакна дека овој проект отвора нови можности и е од исклучително значење за компаниите, кои преку вклучување во Програмата „Еразмус +“ можат да добијат соодветно зголемување на стручните компетенции на своите вработени, како и да се вклучат во најразлични проекти преку кои ќе можат да имплементираат практики, трансфер на знаења и технологии, но и да учествуваат во високо образовните сегменти.

 

- Проектите им овозможуваат на компаниите мобилност за тренинзи на вработените или на соработници од странство, но исто така има и проекти кои се поголеми и посериозни и вклучуваат развој на определени интелектуални аутпути како што се прирачници за полесно наоѓање работа, односно компании кои работат со невработени лица со цел да им овозможат полесно да најдат работа, изјави Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Во текот на 2015 година Националната агенција зеде учество и во акцијата Интернационална кредитна мобилност помеѓу програмски и партнерски земји, преку која се овозможи високообразовните институции, односно професорите од овие институции да имаат можност да соработуваат со земјите кои не се полноправни членки на Програмата и соседните земји, како што се Црна Гора, Србија, Албанија, но и Соединетите Американски Држави, Јапонија, Кина, Индија и други земји, истакна Лулеса Илјази, раководител на Секторот за стручно образование и обука при Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Илјази исто така посочи дека Програмата „Еразмус +“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга држава за учење, работа, предавања, воедно да обучуваат или да развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од 7 европски образовни програми, програми за обука за млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.

Според Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија, компаниите треба да ги искористат бенефитите што им ги нуди Програмата бидејќи тоа за нив значи можност повеќе за едуцирање и доедуцирање на нивните вработени.
 
- Интересот на компаниите за вклучување во програмите што ги нуди Европската унија постепено се зголемува. Се надеваме дека со овие информативни денови кои ги спроведува Агенцијата и на кои како Стопанска комора на Република Македонија даваме особена поддршка, ќе биде поголем интересот и на приватниот сектор и ќе биде искористена можноста што им се нуди, - истакна Аризанковска. 


М-р Сања Николова