Тркалезна маса на Македонската енергетска асоцијација со Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент - ПОДОБРОТО УПРАВУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧКАТА НА ЕНЕРГИЈА ЈА ЗГОЛЕМУВА КОНКУРЕНТНОСТА

   

АКТУЕЛНО / 28.10.2015
👁 Прочитано: 887


Тркалезна маса на Македонската енергетска асоцијација со Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент - ПОДОБРОТО УПРАВУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧКАТА НА ЕНЕРГИЈА ЈА ЗГОЛЕМУВА КОНКУРЕНТНОСТА

Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија, во соработка со Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент, организираше тркалезна маса на којашто се дискутираше како домашните компании можат да ја подобрат својата конкурентност преку подобрување на управувањето на потрошувачката на енергија.

Со воведување на систематски пристап во управувањето со потрошувачката на енергија во индустрискиот сектор - базиран на ИСО 50001 стандардот - Проектот ја подобрува конкурентноста и енергетската сигурност во земјата, ја намалува емисијата на стакленички гасови и ги поддржува инвестициите во чиста енергија. Проектот за индустриски менаџмент им помага на компаниите во подготовката на проекти за енергетска ефикасност прифатливи за финансиските институции, врши обуки на домашни инженерски компании за проектирање, инсталирање и одржување на системи за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија, а воедно и организира работилници за индустриските компании на теми поврзани со најдобрите практики за енергетската ефикасност.

 

- Енергијата е значителен трошок во работата секоја компанија, па затоа и малите заштеди значат големи придобивки во намалувањето на трошоците, со што се подобрува конкурентноста. Токму енергијата е единствената ставка каде можеме да заштедиме ако паметно работиме, бидејќи немаме многу простор каде да ги намалиме трошоците на други места, бидејќи ресурсите имаат берзанска цена, а трошоците за транспорт се на високо ниво заради немањето пристап на море. Намалувањето на трошоците за енергенси може да биде во два правца, од кои првиот е нивната цена да се намали, а вториот е паметно и рационално да се користат, - рече д-р Кочо Анѓушев, претседател на МЕА.

 

- Преку учење и реплицирање на резултатите од Проектот и искуствените стратегии од компаниите-корисници на системите за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија, се надеваме дека се` поголем број на компании во иднина ќе го увидат потенцијалот за воведување на систематски и континуиран пристап за рационално користење на енергијата во производствените процеси. Сведоци сме на тоа дека успешната реализација на овие системи и усогласеноста со практиките на управување со енергија генерираат дополнителен капитал, кој пак ја подобрува конкурентната положба на компаниите и ги поттикнува идните инвестиции во нив, - изјави Џејмс Стајн, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

Директорот на Проектот за индустриски менаџмент, Драган Блажев, истакна дека со организациски мерки кои не се трошок, односно со промена на навиките и начините на управување, компаниите може да постигнат заштеди од 5 до 15 отсто. За поголеми заштеди потребни се инвестиции во нова технолошка енергетски поефикасна опрема, со која преку системите за мониторниг ќе можат рационално да ја следат и да управуваат со потрошувачката на енергија.

 

Претставниците од компаниите „СВИСЛИОН“ АД - Скопје; „ДС Смит“ АД – Скопје и „Џонсон Мети“ ги истакнаа нивните придобивки од имплементирањето на системот за управување со енергијата, додека фирмата „Филбис“ ДОО ја претстави Студијата за енергетска ефикасност на фирмата „Нова Рефрактори“ од Пехчево, која покажува дека со примена на решенијата ќе се заштеди голем процент на енергија и ќе има брз поврат на инвестицијата. Седумнаесетте фирми кои учествуваа во Проектот и имплементираа систем за мониторинг на потрошувачката на енергија ги осознаваат придобивките на системот и ги намалуваат трошоците за енергија.

 

Перо Авакумовски