Стопанските комори од земјите на Западен Балкан со предлози за креирање ланци на вредности на регионално ниво во функција на реализирање на заклучоците од Бизнис - самитот одржан во Виена - ФОКУСОТ НА ИНФРАСТУКТУРАТА И ЕНЕРГЕТИКАТА

   

АКТУЕЛНО / 31.08.2015
👁 Прочитано: 958


Стопанските комори од земјите на Западен Балкан со предлози за креирање ланци на вредности на регионално ниво во функција на реализирање на заклучоците од Бизнис - самитот одржан во Виена - ФОКУСОТ НА ИНФРАСТУКТУРАТА И ЕНЕРГЕТИКАТА

      Во рамките на Самитот (Vienna Western Balkans Summit 2015), стопанските комори од земјите на Западен балкан (ЗБ), одржаа неколку коморски настани под покровителство на Австриската федерална стопанска комора, информираше м-р Јелисавета Георгиева, потпретседател на Стопанската комора на Македонија на денешната прес конференција (31.8.2015 година).
Бизнис активностите во Виена почнаа со „Деловниот појадок за земјите од ЗБ“ на кој присуствуваше и д-р Јоханес Хан, комесар за проширување и соседска политика на ЕУ заедно со претседателите од Коморите и министрите за економија од Владите од ЗБ,  а се оддржа и Регионалниот коморски состанок на кој освен коморите учествуваа и деловните асоцијации од Италија, Франција и Германија.           

     


Стопанската комора на Македонија во Виена учествуваше на сите коморски настани. Претседателот Азески имаше излагање на тема: „Регионално поврзување и учество во регионални проекти и финансирање на приоритетите на земјите од Западен Балкан“. На оваа тема, стопанските комори од Западен Балкан изминатиот период интензивно работеа во насока на креирање на ланец на вредности на регионално ниво, преточен во конкретни регионални проекти за економска соработка, со што ќе се овозможи ефикасно вклучување на деловните заедници на земјите од регионот во реализација на тековните и идните инфраструктурни и други проекти од значење за нивниот економскиот раст. Потпретседателот на  Стопанската комора на Македонија  и претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија, д-р Глигор Бишев, учествуваше во делот на претставување на најдобрите автстриски инвестиции во земјите од Западен Балкан. Во рамки на агендата на активности се одржа и настанот на тема тема “Fixing the Energy Sector” - соработката која ја остваруваат земјите од Западниот Балкан во енергетскиот сектор, како и одбележувањето на 10 годишниот јубилеј од Енергетската заедница (Energy Union), на кој присуствуваа д-р Кочо Анѓушев, потпретседател на Стопанската комората на македонија и претседател на Македонската енергетска асоцијација  и г-дин Гунтер Брамбук, заменик претседател за регулаторни прашања на групацијата ЕВН. Настанот на коморите беше заокружен со прослава на 60 години делување на Унијата на трговско индустриски комори на Германија-ДИХК  на кој се обрати германската канцеларка,  Ангела Меркел.

На средбите во Виена стопанските комори на земјите од Западен Балкан се согласија дека улогата на  коморите  е постојано да предлагаат  конкретни мерки за подобрување на бизнис-климата, да се фокусирани на раст на продуктивноста, извозот и инвестициите, да ги поттикнуваат активностите за поголема интернационализација на стопанствата и поголема соработка со стопанствата на другите држави, особено со Европската Унија.

     

 

1. Едногласно се потенцираше важноста на понатамошниот развој на партнерството меѓу стопанските комори преку заеднички коморски активности, соработка и координирани активности, со цел да се изгради основа за одржлив раст на регионот на ЗБ согласно приоритетите посочени во Берлинскиот процес.

2. Сите страни се согласија дека т.н. „Берлинска агенда“ донесе нови перспективи за регионот на ЗБ. Се поздравува одлуката економските и општествените прашања да играат клучна улога кај Владите во Берлинската иницијатива.


3. Сите страни се согласија дека е од огромна важност EUROCHAMBRES-Унијата на европски комори, да пренесе порака до високите структури на ЕУ за важноста на непрекинатата соработка меѓу стопанските комори од ЗБ за постигнување економска стабилност и развој на регионот како целина.

4. Коморите од земјите од Западен Балкан потпишаа договор за основање на Коморски инвестициски форум. Активностите на Коморскиот инвестициски форум на ЗБ ќе овозможат поефикасна вклученост на фирмите во реализацијата на тековните и претстојните инфраструктурни проекти и други проекти клучни за економскиот напредок на регионот. Официјално беше  основан  Управниот одбор на ЗБ КИФ, во кој членуваат претседатели на стопанските комори. Постојаните тематски работни групи (Сообраќајна и енергетска инфраструктура и комунални дејности, Подобрување на деловното и инвестициското опкружување, Развој на приватниот сектор) ќе ги следат инвестициските активности во регионот.

5. Имајќи го предвид фактот дека претседателите на коморите од ЗБ имаа средба на 16 јуни 2015 година за организиран настап и заеднички активности во рамките на Берлиснкиот процес, и дека досега е направен Акциски план на шестте  комори од Западен Балкан кој содржи 26 проекти како предлози од сите комори. Коморите на состанокот во Виена за почеток издвоија три проекти на кои ќе биде насочено вниманието на заеднички активности. Тоа се: 

- Коморски инвестициски форум (КИФ),
- Заеднички форум на стопанските комори од  Западен Балкан за програмирање на регионалните проекти финансирани од фондовите на ЕУ и
- проектот на Регионална платформа за јакнење на малите и средни бизниси.

6. Со оглед на тоа што приоритетите за развој на Западен Балкан се фокусирани на поттикнување инвестиции, зголемување на извозот и подобрување на стручното образование и обуката на претприемачи, заедничките проекти на коморско ниво ќе се насочат кон давање придонес за остварувањето во овие сектори.

7. Сите претседатели се договорија дека платформа за учество во заедничките проекти ќе биде основаниот Регионален Центар за развој на претприемачките способности за земјите од Југоисточна Европа (СЕЕЦЕЛ, центар формиран на барање на 8 земји од Југоисточна Европа-Алабнија, БиХ, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција). Овој Центар стратешки работи со Акциониот план за претпиемништво на ЕУ 2020 и е финансиран од ЕУ со 30 милиони евра со изградба на Центар со седиште во Загреб каде сите основачи односно членки ќе имаат свои канцеларии. Мисијата на СЕЕЦЕЛ е насочена на систематски развој на доживотно претпиемачко учење во склад со политиката и праксата на ЕУ.

8. Фирмите од регионот поединечно не се доволно големи и јаки да настапат самостојно, па со оглед на тоа позначајни резултати за стопанствата на Западен Балкан може да се очекуваат само ако коморите ги поврзат и им дадат вистински и правовремени информации за можностите за учество во реализацијата на големи инфраструктурни проекти.

9. Следниот коморски состанок и состанок на Коморскиот инвестициски форум ќе се одржи еден ден пред Петтата годишна конференција со наслов „Ефикасноста на процесот за пристапување кон ЕУ и подобрување на регионалната конкурентност“, кој ќе се одржува на 22 и 23 октомври 2015 година  во Будва, Црна Гора.

     

Потписниците (Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Србија, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Хрватска и Стопанската комора на Словенија) на 27 август 2015 год., во Виена, го склучија  Договорот  за основање на Коморски инвестициски форум чии што главни цели се:
• Споделување информации за тековните и за планираните инвестициски проекти, што се дефинираат, меѓу другото, преку сеопфатните листи на најважни инфраструктурни проекти на владите на земјите од регионот;
• Предлагање мерки за зголемување на нивото на инвестиции и подобрување на деловното опкружување и климата за инвестиции на територијата на Западен Балкан;
• Вклучување на деловните заедници од Западен Балкан во спроведувањето на инвестициски проекти, предвидени со Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ;
• Создавање услови за забрзан економски разво  и
• Преземање иницијатива за поефикасно поврзување и посилни деловни врски;

Со потпишувањето на овој Договор и  преку неговите активности ќе се настојува да се обезбеди поефикасно вклучување на деловните заедници од земјите во Регионот во спроведувањето на тековните и предвидените инфраструктурни проекти, како и во проекти од други области значајни за економскиот напредок на Западен Балкан.
Преку него, Коморите ќе се залагаат за исполнување на една клучна цел, а тоа е да се стави фокус на развојот на конкурентноста на стопанствата од регионот на Западен Балкан под покровителство на организацијата во чии рамки се обединуваме- EUROCHAMBRES, и тоа преку заеднички коморски активности, соработка и координирано работење.

Коморите ја препознаа важноста на избраните сектори за исполнувањето на поставените цели и се согласија  Управниот одбор на инвестицискиот форум да  основа тематски работни групи како приоритетни и тоа за: Сообраќајна и енергетска инфраструктура и комунални дејности; Подобрување на деловното и инвестициското опкружување и Развој на приватниот сектор.
Претседателите на стопанските комори од земјите на Западен Балкан на состанокот на 27.8.2015 година во рамките на  Vienna Western Balkans Summit 2015, истакнаа дека  формирањето на Коморскиот инвестициски форум ќе  придонесе за јакнење на регионалната соработка и привлекување на инвестиции.

Во оваа прилика беше  нагласено дека за  да се постигнат резултати, треба да се работи на заеднички инвестициски проекти. Како што главната транспортна мрежа на Унијата ги поврзува нејзините главни градови, главните економски центри и големите пристаништа, така и на Западен Балкан му е потребна забрзана реформа и дополнителни инфраструктурни инвестиции за клучните коридори. За Македонија секако приоритет е целосна функционалност на Коридорите 8 и 10. Во моментов активно се работи на изградба на преостанатиот дел од автопатската делница од Коридор 10, Демир Капија – Смоквица, како и на изградба на дел од автопатот од коридорот 8: Кичево – Охрид и Скопје-Штип.

• Со натамошен развој на Коридорите 8 и 10, пред се’, видно ќе се подобрат инфраструктурните и другите објективни услови за зголемување на странските инвестиции, со што ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на целиот регион. Кога станува збор за инвестициски проекти кои би требало да се реализираат за овие два коридора, треба да се размислува и на прашањето за изработка на заеднички регионални проекти за изградба и на приклучната инфраструктура од која гравитираат стоките кон овие коридори. 

• Меѓу останатото, на Самитот се упати и порака дека е неопходно што поитно спроведување на мерки и активности за забрзување на процесот на хармонизација и меѓусебно унифицирање на патните такси. Побарано беше отстранувањето на сите нетарифни бариери кои го успоруваат протокот на стоките низ коридорите ќе овозможи непречен проток на стоките, намалено време на чекање на граничните премини и сл.

• Многу значајно е и прашањето за енергетската поврзаност, па затоа беше потенцирано дека Македонија е отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко во однос на сите понудени решенија за изградба на гасоводни интерконекции и обезбедување на природен гас. Во таа насока, успешно се вклучивме со два наши проекти во иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоистична Европа, која има за цел поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас и сигурност во снабдувањето во регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите земји членки на ЕУ и на договорните страни на Енергетската заедница.