Пресудно значењето на термоенергетиката на јаглен за енергетските системи на Македонија - НЕОПХОДНА РЕКОНСТРУКЦИЈА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА РЕК „ОСЛОМЕЈ“

   

АКТУЕЛНО / 10.06.2015
👁 Прочитано: 960


Пресудно значењето на термоенергетиката на јаглен за енергетските системи на Македонија -  НЕОПХОДНА РЕКОНСТРУКЦИЈА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА РЕК „ОСЛОМЕЈ“

        Тргнувајќи од евидентниот недостиг на електрична енергија, што ќе се зголемува од година во година, се одржа советување на тема: Значењето на термоенергетиката на јаглен за енергетските системи на Македонија, со посебен осврт на РЕК „Осломеј“, во организација на ЗЕМАК, со поддршка од Македонската енергетска асоцијација - МЕА.

       


      Преку примена на добро разработен реален пристап, користејќи ја како подлога енергетската стратегија на МАНУ, изработени се различни сценарија за продолжување на векот на термоенергетскиот објект во Кичево и потребите на електроенергетскиот систем на земјава. Сите сценарија во основа го имаат растот на потрошувачката на електрична енергија паралелно со создавање услови за приклучоци на нови капацитети за производство на електрична енергија. Од фосилните горива, Р. Македонија располага и експлоатира само нискокалоричен јаглен, од типот лигнит. Постојните копови на јаглен во Р. Македонија се делат на рудници за термоенергетски цели (површинските копови „Суводол“ и „Осломеј“) и рудници за широка потрошувачка (површинските копови „БРИК“ - Берово и „Дримкол–лигнити“). Земајќи ја  предвид моменталната состојба и условите во ТЕЦ „Осломеј“, каде што резервите на јаглен се при крај, неминовна е потребата од продолжување со работа и модернизирање на оваа термоелектрична централа се` со цел да се продолжи со функционирањето преку користење на висококалоричен јаглен кој би се обезбедувал од увоз. Продолжувањето на животниот век на оваа електрана ќе биде во согласност со националните барања и Студијата ќе содржи и анализа на потенцијални снабдувачи на јаглен со повисока калорична вредност, со квантитативна и квалитативна потврда, како и сигурносни анализи за наредниот период.
        Стратешки определби на Р. Македонија се:
• сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти;
• забрзан стопански развој;
• поголема грижа за животната средина.

      


       Реализација на стратешките определби ќе се постигне преку поставување на производството на електрична енергија меѓу највисоките приоритети, што значи:
- обезбедување јаглен за непречено работење на постојните термоелектрани во текот на анализираниот период;
 - отворање и експлоатација на површинските рудници на лигнит;
 - јамска експлоатација на лигнит за постојните и за нови термоелектрани;
 - увоз на јаглен;
- ревитализација на термоелектраните и исполнување на барањата од Директивата за големи постројки за согорување;
- поставување на производството на електрична енергија меѓу највисоките приоритети, што значи:
– изградба на акумулацијата „Луково Поле“ со ХЕ „Црн Камен“ и на ХЕ „Бошков Мост“;
– засилени мерки за изнаоѓање стратешки партнер за изградба на другите големи ХЕ;
– реализација на третата фаза на ревитализација на хидроелектраните;
– отстранување на легислативните и административните пречки за поинтензивно инвестирање во енергетиката, и особено во изградба на мали хидроелектрани;
– поставување на производството на електрична енергија меѓу највисоките приоритети, што значи:
– производство на електрична енергија од други ОИЕ (фотонапонски системи, ветерни електрани, геотермални електрани);
– изградба на „ТЕ-ТО“ на отпадна биомаса, на биогас и на природен гас таму каде што за тоа постои економска оправданост.
        Согласно анализата која „ЕЛЕМ“ ја има направено за можните опции за снабдување на ТЕЦ „Осломеј“ со гориво, се заклучи следново:


      

       Домашен лигнит:
    Во однос на оваа опција, очигледно е дека во изминатите години, многу малку е направено на полето на истражувањето на домашните јаглени, односно во последните 20 години нема други анализи освен Физибилити студија за почеток на експлоатација на јаглен од јагленовото наоѓалиште Неготино и Главен рударски проект за јагленовото наоѓалиште Мариово. За останатите наоѓалишта постојат многу малку релевантни податоци, како во однос на количините, така и во однос на физичко-хемиските својства.
 Од достапните податоци, единствено рудните наоѓалишта Мариово и Неготино ги задоволуваат можностите за долгорочно и годишно снабдување на ТЕЦ „Осломеј“.
 Рудното наоѓалиште Мариово се планира да се користи за долгорочно снабдување на РЕК  - Битола.
 Рудното наоѓалиште Неготино има големи инвестициски трошоци што дополнително влијаеле на севкупната инвестиција за модернизација за ТЕЦ „Осломеј“.

       


  Увозен лигнит:
 Покрај големата цена на произведената електрична енергија дополнително би се соочиле со можноста на долгорочно снабдување на јаглен со слични или исти физичко-хемиски својства (на пример, може да се земе оштетувањето на котелот во ТЕЦ „Осломеј“ поради користење на јаглен од Пелагонискиот басен). Исто така, можноста за увоз на лигнит од околните земји, како Грција и Косово, се исклучува бидејќи Грција не извезува лигнит, додека пак Косово не може да обезбеди повеќе од 500 илјади тони годишно, а може да се доведе во прашање долгорочната стабилност на снабдување со лигнит од Косово. 
       Природен гас:
• Во однос на оваа опција истата го задоволува предусловот за долгорочно и годишно снабдување со гориво. Недостаток на оваа опција е големата цена на природниот гас, зависноста од еден снабдувач (во моментот и во блиска иднина), променливоста на цените на гасот (во корелација со нафтата), како и фактот дека е потребно побрзо решавање на проблемот со ТЕЦ „Осломеј“ поради тоа што во последните години во континуитет генерира загуби, додека пак изградбата на гасоводот би траела неколку години. Секако, опцијата за гас не треба да се отфрли и „ЕЛЕМ“ во своите долгорочни планови предвидува можности за градба на гасна електрична централа на локацијата.
                                                                                                    Перо Авакумовски