Регионална комора со седиште во Скопје - РАСПРАВА ПО ОДРЕДЕНИ ЗАКОНСКИ ПРОПИСИ

   

АКТУЕЛНО / 11.02.2015
👁 Прочитано: 1135


Регионална комора со седиште во Скопје - РАСПРАВА ПО ОДРЕДЕНИ ЗАКОНСКИ ПРОПИСИ

        Регионалната комора со седиште во Скопје, на седницата одржана на 11.02.2015 година го разгледа пакетот на предложени измени и дополнувања на законите со кои се уредуваат задолжителното социјално осигурување и здравственото осигурување, за кои е предложено донесување во скратена постапка (Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Предлогот на Законот за изменување на Законот за работните односи, Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлогот на Законот за изменување на Законот за здравственото осигурување).

       

       Се утврди дека предвидениот законски режим за пресметка и уплата на придонесите остварени по основ на договор за дело, авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа за лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, уредени со наведените законски прописи, и повеќе од еден месец од започнувањето на нивната примена  предизвикува правна несигурност и проблеми во остварувањето на секојдневното работење на деловниот сектор.

            За таа цел, Регионалната комора со седиште во Скопје, на денешната седница донесе заклучок да се поднесе иницијатива до надлежните државни органи, со која се укажува дека примената на овие норми предизвикува потешкотии за деловните субјекти во исполнувањето на обврските согласно наведените законски прописи. Со иницијативата ќе се укаже на потребата да се прецизира механизмот со кој се уредува обврската за плаќање на придонеси од  задолжително социјално осигурување и здравствено осигурување, поради што е потребно да и се остави на бизнис-заедницата доволно време активно, со свои предлози и сугестии да се вклучи во креирањето на овој механизам, кој ќе покаже ефикасност и функционалност во практиката. Со поднесената иницијатива ќе се побара да биде спроведена сериозна реформа на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, согласно модерните стандарди на живеење, како и да биде спроведена сериозна реформа на Фондот за здравствено осигурување, при што потребно е да се донесе минимален пакет на уплата и користење на услуги, како и да се предвиди систем на скалести уплати и права кои произлегуваат од истите, согласно висината на уплатата на месечно ниво.