Во Регионалната комора со седиште во Велес беше презентирана Програмата „Еразмус плус“ - МОЖНОСТИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА, ТРАНСФЕР НА ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ И ПРИМЕНА НА ИНОВАТИВНИ ТЕХНОЛОГИИ

   

➤ АКТУЕЛНО (10.02.2015)
👁 Прочитано: 429


Во Регионалната комора со седиште во Велес беше презентирана Програмата „Еразмус плус“  -  МОЖНОСТИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА, ТРАНСФЕР НА ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ И ПРИМЕНА НА ИНОВАТИВНИ ТЕХНОЛОГИИ

        Околу 25 учесници од компании-членки на Регионалната комора со  седиште во Велес и средните и основни училишта од градот  учествуваа на Инфо денот како дел од новиот циклус на промотивни активности за Програмата „Еразмус плус“ (10.2.2015 година). Инфо денот беше во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност  и Регионалната комора со седиште во Велес, а ја отвори Мери Кирова, потпретседател на Регионалната комора со седиште во  Велес.

           


       - Ова е можност компаниите од Велес да аплицираат за Програмата „Еразмус плус“, во делот на практична работа, трансфер на знаења и вештини, како и имплементација на иновативни технологии, - истакна Трајче Трајков, претседател на Регионалната комора со седиште во Велес.
      Презентери на настанот беа м-р Никола Јаулески и м-р Лулеса Илјази, претставници од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, кои ја претставија Програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.

         


       Сите присутни беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуална мобилност, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите колеги од цела Европа.
Како Програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, стажирање, предавања,  воедно  и да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.

       


       Вкупниот буџет за „Еразмус плус“ изнесува 14,7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постојниот буџет за сите програми за 40% и нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Овие проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.
                                                                                                       Ирена Жарова