Македонската енергетска асоцијацијa - МЕА го разгледа Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2015 до 2019 година - СЛЕДНАТА ГОДИНА ПОТРОШУВАЧКАТА НА ФИНАЛНА ЕНЕРГИЈА ЌЕ ПОРАСНЕ ЗА 6,2 ОТСТО

   

АКТУЕЛНО / 01.12.2014
👁 Прочитано: 966


Македонската енергетска асоцијацијa  - МЕА го разгледа Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2015 до 2019 година - СЛЕДНАТА ГОДИНА ПОТРОШУВАЧКАТА НА ФИНАЛНА ЕНЕРГИЈА  ЌЕ ПОРАСНЕ  ЗА 6,2 ОТСТО

     Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија, на 1.12.2014 година, одржа седница на којашто се разгледуваше Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2015 до 2019 година. Со седницата претседаваше д-р Кочо Анѓушев, претседател на МЕА.
      Енергетскиот биланс е изработен во согласност со Законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика.
Енергетскиот биланс е индикативен плански документ и во истиот се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во Македонија и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз, во периодот до 2019 година.
      Енергетскиот биланс е изработен врз основа на податоците за предвидените потреби за одделните видови енергија и енергенти добиени од субјектите.
 
      За секој вид енергија е подготвен биланс за задоволување на предвидената потрошувачка. Врз основа на податоците од одделните биланси  пресметани се финалната потрошувачка и потребите од примарна енергија за обезбедување на финалната потрошувачка.

      

 

      ФИНАЛНА ПОТРОШУВАЧКА НА ЕНЕРГИЈА И ЕНЕРГЕНТИ
       ВО ПЕРИОДОТ ОД 2011 ДО 2014 ГОДИНА
      Од прикажаните податоци за финална потрошувачка на енергија и енергенти се гледа дека финалната потрошувачка во 2014 година е на ниво со потрошувачката во 2013 година.
      Реализираната вкупна финална потрошувачка во 2014 година е за 4,0% помала од планираната, при што кај сите видови енергија се јавува намалување во однос на планираните количини, со исклучок кај коксот, лигнит и јаглени и нето увозот на електрична енергија, каде потрошувачката е поголема од планираната.
      Најголемо влијание врз пониската вкупна финална потрошувачка имаат отстапувањата кај природниот гас (26,6%), електричната енергија (5,9%) и нафтените деривати (3,9%).
      Најголемо учество во финалната потрошувачка имаат нафтените деривати (меѓу 40,9% и 41,9%) и електричната енергија (меѓу 38,8% и 41,6%), додека сите останати облици на енергија имаат вкупно учество што се движи меѓу 16,8% и 19,8%.

        


       ПОТРОШУВАЧКА НА ПРИМАРНА ЕНЕРГИЈА
       ВО ПЕРИОДОТ ОД 2011 ДО 2014 ГОДИНА  
      Потрошувачката на примарна енергија во 2014 година се зголемува за 2,5% во однос на 2013 година. Пораст на потрошувачката на примарна енергија е регистриран кај лигнитот и јагленот (9,4%), природниот гас (6,4%), геотермална енергија (6,2%) и огревното дрво (1,4%), додека кај сите други има пониска потрошувачка и тоа кај електричната енергија (11,4%), коксот (7,6%) и суровата нафта и нафтените деривати (0,8%). 
      Во однос на предвидувањата за потреби од примарна енергија во Енергетскиот биланс за 2014 година, реализацијата е помала за 9,9%, како резултат на тоа што кај одредени облици на енергија се јавуваат намалувања во однос на планирањата и тоа кај природниот гас (48,2%) пред се` поради многу малото производство на електрична енергија од „ТЕ-ТО“ - Скопје во однос на планираното, геотермалната енергија (32,7%), потоа кај суровата нафта и нафтени деривати (1,3%) и лигнитот и јагленот (14,5%).
       Во структурата на примарната енергија може да се забележи дека доминантно учество во примарната енергија во периодот од 2011 до 2014 година имаат: јагленот (од 42,5% до 48,8%) и суровата нафта и нафтените деривати (од 27,7% до 30,3%). Останатите облици на енергија учествуваат со 23,5% до 27,2%.
      Во периодот од 2011 до 2014 година учеството на домашните извори на енергија во вкупните потреби од примарна енергија се движат од 52,4% до 58,9%, додека во истиот период нето увозот е од 41,1% до 47,6%.
 
      ПРЕДВИДЕНА ФИНАЛНА ПОТРОШУВАЧКА
      ВО ПЕРИОДОТ ОД 2015 ДО 2019 ГОДИНА 
      Потрошувачката на финална енергија во 2015 година ќе биде повисока во споредба со 2014 година за 6,2%. Во 2015 година се предвидува пораст на потрошувачката за сите енергенти и тоа на природниот гас за 44,1%, геотермалната енергија за 15,8%, лигнити и јаглени за 18,7%, електричната енергија за 6,5%, коксот за 5,0%, нафтените деривати за 2,4% и огревното дрво за 2,3%. 
     До 2019 година кај сите видови енергија се очекува константен пораст, при што најголем просечен пораст ќе има кај природниот гас (12,1 %/годишно), кај геотермалната енергија (9,2 %/ годишно), кај коксот (4,1 %/ годишно), лигнит и јаглен (5,0 %/годишно), додека нафтените деривати ќе растат со 1,2 %  годишно во просек. 
      Порастот на потрошувачката на природниот гас во најголема мерка се должи на најавената потрошувачка на природен гас од страна на „ТЕ-ТО“ -  Скопје, проширувањето на дистрибутивните системи на природен гас во Куманово и Струмица, како и поради зголемување на бројот на потрошувачи во Скопје.
Слично како и во минатото, структурата на финалната потрошувачка нема значително да се промени. Најголемо учество ќе имаат нафтените деривати (од 38,9% до 39,9%) и електричната енергија (од 38,6% до 38,9%), додека сите останати облици на енергија ќе учествуваат од 21,2% до 22,5%.

       

 

      ПОТРЕБИ ОД ПРИМАРНА ЕНЕРГИЈА ЗА ПЕРИОДОТ
      ОД 2015 ДО 2019 ГОДИНА 
     Вкупните потреби од примарна енергија ќе раснат во текот на целиот период со просечна стапка (во однос на 2014 година) од 2,5%/годишно. Најголем пораст се очекува кај природниот гас (16,6%/ годишно), а за електричната енергија се очекува зголемување со просечна стапка од 0,3%/годишно. Високиот пораст на потребите од природен гас се должат на најавената потрошувачка на природен гас кај „ТЕ-ТО“ - Скопје, како и поради зголемувањето на потрошувачката кај дистрибутивните потрошувачи во Куманово и во Струмица. 
      Примарната енергија во 2015 година ќе биде повисока во однос на 2014 година за 4,0%. Ова зголемување ќе биде резултат на зголемувањето кај природниот гас од 98%, геотермалната енергија од 15,8%, електричната енергија од 6,7%, додека кај лигнитот и јагленот ќе има намалување од 5,3%.
      Како резултат на зголемувањето на потрошувачката на природен гас почнувајќи од 2015 година, учеството на сите останати облици на енергија ќе  се намалува. Но, и понатаму најголемо учество во примарната енергија ќе  имаат цврстите горива (лигнит и јаглен) во границите од 41,3% до 44,4%, потоа следат суровата нафта и деривати со учество од 27,2% до 28,4% и природниот гас (од 9,9% до 10,2%). Останатите облици на енергија  ќе имаат вкупно учество што ќе се движи во границите од 18,5% до 20,4%.
Учесниците на седницата ги донесоа следниве Заклучоци:
• Потрошувачката на енергија во 2014 година е на исто ниво од 2013 година, но не е иста по структура.
• Енергетскиот биланс треба да дава слика на структурата на домашното производство.
• Зголемената потрошувачката на дизелот е поради намалената потрошувачка на екстаралесното масло.
• Да се изготви подолгорочна стратегија за користење на лигнит и јаглен во Македонија.
• Да се подобри квалитетот на податоците кои фирмите ги доставуваат до Агенцијата за енергетика, со цел да се добијат пореални предвидувања во енергетскиот биланс.
      По завршувањето на расправата,  беше одржана  прес-конференција  на којашто д-р Кочо Анѓушев  ги презентираше  Заклучоците од седницата на Македонската енергетска асоцијација.  

                                                                                 Перо Авакумовски