Регионалната комора со седиште во Скопје расправаше за мерки за поддршка на малите и средни претпријатија за настап на странските пазари - ЗА ПОРАСТ НА ИЗВОЗОТ НЕОПХОДНО Е ФОРМИРАЊЕ МРЕЖА НА СТОПАНСКИ ПРЕТСТАВНИШТВА

   

АКТУЕЛНО / 20.06.2014
👁 Прочитано: 1114


Регионалната комора со седиште во Скопје расправаше за мерки за поддршка на малите и средни претпријатија за настап на странските пазари - ЗА ПОРАСТ НА ИЗВОЗОТ НЕОПХОДНО Е ФОРМИРАЊЕ МРЕЖА НА СТОПАНСКИ ПРЕТСТАВНИШТВА

          Актуелните состојби во стопанството и потребата од примена на конкретни и оперативни мерки за поддршка на македонските компании посебно  малите и средни компании (МСП) за настап на странски пазари, со посебен акцент на пазарите во соседството, - беше основната тема на расправа на  седумнаесеттата седницата на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Скопје со која раководеше неговиот претседател, д-р Горан Рафајловски. Притоа, беше побарано  да се обезбеди финансиска помош  на две групи МСП, посебно за оние кои веќе се присутни на тие пазари и на компании кои треба да го испитаат пазарот за нивен настап. На иницијатива на присутните се констатира дека е потребно да се согледаат сите можности институционално да се аплицира на европските проекти, а за таа цел да се формира мрежа за промоција и поддршка на македонските извозни мали и средни компании.

За поголема искористеност на кредитните линии од страна на МСП, потребно е, како што беше истакнато на сеницата, да се обезбеди владина поддршка преку формирање на консултативно тело кое ќе им помага на компаниите во подготовка на инвестициски проекти, со вклучување на домашни консултанти кои би работеле  на нивната  подготовка.

Во дискусијата беше нагласена и потребата од создавање на организациона мрежа  на  стопански претставништва во соседните држави од страна на коморите. Имено, деловните асоцијации користејќи ги воспоставените добри деловни врски со стопанските комори од соседните држави би обезбедиле просторни услови и кадар, а поддршка на владата би се состоела во нивно етапно и прогресивно субвенционирање во финансирањето. Отворањето на постојана канцеларија во Брисел, добро екипирана и оспособена, е потреба  која би придонела кон поголемо искористување на   расположливите средства од фондовите на ЕУ.

Едновремено беше предупредено дека доколку не се формира ваква канцеларија, ние ќе останеме понатаму во истата ситуација како и досега и ќе бидеме на опашката во користењето на средства од европските фондови.
Моменталните и долгорочните потреби на стопанството од квалитетни стручни кадри треба да бидат инкорпорирани во целокупниот образовен процес и Македонија треба да се претвори во пазар на квалитетни, образовани и стручни кадри, а не да биде пазар на евтина работна сила. Сегашниот начин на образование не е на висината од потребите на стопанството.   Образованиот кадар треба да може веднаш и успешно да се вклучи во работењето на компаниите. Особено, беше посебно подвлечено, треба да се имаат предвид потребите на домашните компании кои може и треба да бидат носители на развојните процеси во државата.

За да се реализираат долгорочните стратешки цели на државата, Владата покрај останатите активности и делувања во стопанството, треба да ги реализира проектите од енергетскиот сектор, т.е. изградбата на капацитетите за производство на електрична енергија. Притоа, треба да се земат предвид можноста за искористување на сите расположливи ресурси со цел да се обезбеди стабилен енергетски систем за наредните 10 години, за да се задоволат потребите на стопанството.
        

Ванчо Спасески