Трет форум на чинители во областа на обновливи извори на енергија - ДОЛГИТЕ ПРОЦЕДУРИ И АДМИНИСТРАТИВНИТЕ БАРИЕРИ ПРЕЧКА ЗА ПОИНТЕНЗИВНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР

   

АКТУЕЛНО / 09.06.2014
👁 Прочитано: 963


Трет форум на чинители во областа на обновливи извори на енергија - ДОЛГИТЕ ПРОЦЕДУРИ И АДМИНИСТРАТИВНИТЕ БАРИЕРИ ПРЕЧКА ЗА ПОИНТЕНЗИВНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР

       Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија, во соработка со Групацијата на обновливи извори на енергија во рамките на Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија и Балканската програма за обновлива енергија на Меѓународната финансиска корпорација, го одржа Третиот форум на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија (ОИЕ). 

Клучни говорници и презентери на Третиот форум беа д-р Кочо Анѓушев, претседател на Групацијата на производители на енергија од обновливи извори при Стопанската комора на Македонија, Александар Дуковски, директор на Агенцијата за енергетика, Александар Дединец, истражувач-асистент при МАНУ, Дарко Јаневски, специјалист за обновливи извори на енергија на Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија и Ник Питсас, правен експерт на Проектот на ЕУ за зајакнување на административните капацитети на Министерството за економија – Сектор за енергетика и Агенцијата за енергетика.

Темите за дискусија на Третиот форум се однесуваа на:  предлозите за поедноставување на постапките за инвестирање во ОИЕ со акцент на прописите поврзани со планирањето и управувањето со земјиштата, предлозите за целосно усогласување на Законот за енергетика со Директивата на ЕУ за ОИЕ, како и можните сценарија за развој на енергетскиот сектор со акцент на ОИЕ. Првиот форум беше одржан во ноември минатата година, а вториот форум се одржа во февруари годинава. 

 

Форумите претставуваат нов механизам за дијалог во областа на обновливи извори на енергија чија главна цел е  да се овозможи на едно место да се соберат сите чинители и засегнати страни во оваа област, вклучително лица кои работат на развој на проекти, инвеститори, локални организации, претставници од релевантни министерства, агенции, академски институции, невладиниот сектор и меѓународни донатори. Иницијативите кои произлегуваат од форумите придонесуваат за подобрување на законската и регулаторната рамка за инвестирање во оваа област, а воедно помагаат за решавање на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите.

 

Инвеститорите во областа на обновливите извори на енергија најчесто се жалат на бавното издавање лиценци и долгата процедура за трансформација на земјиштето во која се вклучени општинските и државните институции, - беше посочено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, организирана пред Третиот форум на чинителите и засегнатите страни во областа на обновливите извори на енергија.

 

 

 

Перо Авакумовски